Quantcast
Channel: Радио МОФ
Viewing all 38402 articles
Browse latest View live

100 лица со физичка попреченост ќе добијат лични асистенти

$
0
0

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата на Република Македонија на вчерашната седница ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година.

Како што информираа од МТСП, со Програмата ќе се обезбеди персонална асистенција за 100 лица на возраст од 18 до 64 години, кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост или лица со целосно оштетен вид. Личните асистенти  ќе им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место.

„Преку оваа програма на лицата со попреченост им овозможуваме помош во насока на самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина“, напиша Министерката Мила Царовска на својот фејсбук профил.

Од МТСП посочија дека асистентите ќе бидат лица кои поседуваат сертификат за завршена обука за стекнување со вештини за лична асистенција, верифицирана од ЈУ Центар за образование на возрасни. Во Оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица.

Оваа услуга се воведува првпат во Македонија и за реализација на Програмата издвоени се 17.500.000 денари од буџетот на МТСП.

Од Министерството додаваат и дека преку Програмата за општинско корисна работа, на почетокот на учебната 2017/18 година, во соработка со Министерството за образование и наука, обезбедиле средства за ангажирање на 106 образовни асистенти и 34 лични асистенти за деца кои посетуваат настава, со што е зајакната и поддршката на децата со попреченост во образовниот процес.

Од вчерашната 58-ма седница на Владата

На вчерашната 58-ма седница, Владата го разгледа и утврди и Предлог-законот за високото образование, и донесе одлука по усогласување на одредени членови, да биде пуштен во собраниска процедура до негово усвојување.

„Со овој закон се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, како и признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи“, соопштија од Владата.


„Зад себе остави интелектуален вакуум“ – Светот оддава почит на Стивен Хокинг

$
0
0

Од астронаути, преку научници, до светски лидери и јавни личности, социјалните мрежи се исполнија со пораки со кои се оддава почит на животот на „огромен ум и неверојатниот дух“ на физичарот, професор и автор Стивен Хокинг, кој почина на 76 годишна возраст.

Астронаутот Тим Пик, кој помина 6 месеци во вселената во 2016 година, вели дека Хокинг инспирирал генерации да „погледнат подалеку од нашата сина планета и да го прошират своето разбирање за универзумот“.

Американската вселенска асоцијација НАСА на Твитер објаснија дека „неговите теории отклучија универзум на можности кои ние и светот ги истражува“.

„Продолжи да леташ како суперчовек во микрогравитацијата, како што им кажа на астронаутите на Вселенската станица во 2014 година“, напишаа од НАСА.

Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека неговата „храброст и истрајност ги инспирирала луѓето од целиот свет“.

Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, го напиша еден од најпознатите цитати на Хокинг, за тоа дека и покрај тешката болест која целосно го парализирала, тој никогаш не се откажал.

Ток-шоу водителот Лери Кинг оддаде почит на физичарот давајќи пример за неговиот смисол за хумор. „Во едно интервју го прашав Стивен Хокинг што е она што најмногу го збунува во универзумот. `Жените`, бил неговиот одговор“, напиша Кинг.

Пронаоѓачот на интернетот, Тим Бернерс-Ли, беше еден меѓу првите кој одговори на информацијата за смртта на Хокинг. „Изгубивме огромен ум и неверојатен дух“, напиша тој на Твитер.

Физичарот и телевизискиот водител Нил де Грас Тајсон сподели фотографија на која е заедно со Хокинг со текст: „Неговата смрт остави интелектуален вакуум зад себе“.

Професорот Хокинг е првиот што ја постави теоријата за универзумот како збир на релативитетот и квантната механика. Преку својата работа со математичар Сер Роџер Пенроус тој покажа дека општата теорија на релативноста на Ајнштајн имплицира дека просторот и времето би имале почеток во Биг Бенг, а крај во црните дупки.

Тој, исто така, откри дека од црните дупки излегува енергија и исчезнува во празно – феномен кој подоцна ќе биде наречен Хокинг зрачење.

Хокинг беше познат и како „чудо на природата“, бидејќи успеал да ги побие сите лекарски предвидувања дека ќе има кус живот, откако на 22 годишна возраст му бил дијагностициран редок вид болест на невролошкиот систем.

Гугл ќе го забрани рекламирањето на Биткоин и сите други криптовалути

$
0
0

Гугл се придружува на Фејсбук во забраната за рекламирање на Биткоин и останатите криптовалути.

Компанијата, која обезбедува најголем дел од дигиталниот маркетинг на интернет, соопшти дека планира од јуни да ја менува својата политика за рекламирање за одредени финансиски услуги, помеѓу нив и за криптовалутите. Новите ограничувања ќе важат и за сите платформи во сопственост на Гугл, како Јутјуб, како и за интернет-страници каде Гугл продава рекламен простор, пренесува Њујорк Тајмс.

Одлуката на интернет-гигантот доаѓа откако Фејсбук во јануари соопшти дека ќе ги забрани сите реклами за Биткоин и другите криптовалути со намера да ги спречи измамите и лажните промоции. Заедно, Гугл и Фејсбук претставуваат огромно мнозинство од приходите од рекламирањето на интернет.

Краткото соопштение на страницата за политиките на рекламирање на Гугл не открива зошто конкретно компанијата планира да се оттргне од ваквите реклами. Во текстот стои дека забраната ќе се однесува и на содржини поврзани со криптовалутите, како „првичните аукции за криптовалути, трансферите, крипто-паричниците и совети за трговија со криптовалути“.

Огромниот интерес околу Биткоините и другите криптовалути предизвика загриженост за измами кои користат онлајн-рекламирањето за пронаоѓање на потенцијални жртви привлечени од растот на цените на поголемиот дел од виртуелните валути. Рекламирањето за новите криптовалути експлодираше минатата година кога дојде до голем раст на нивната вредност.

Дел од тие активности предизвикаа сомнежи од регулаторите. Многу стартап компании издаваа сопствени криптовалути на таканаречени „првични аукции на валутата“, кои станаа популарен начин за прибирање пари за финансирање на нови софтверски проекти. Интернет-рекламирањето беше најдобар начин за презентирање на новите валути до нови потрошувачи.

Последните месеци, американските регулаторни тела јасно ставија до знаење дека голем дел од овие аукции се најверојатно нелегални, со што паднаа цените на големиот дел од виртуелните криптовалути.

Рестрикциите на рекламирањето криптовалутите се слични на оние кои Гугл ги има за рекламирањето фалсификувани предмети или сексуално експлицитни содржини.

МНТ ја најавува претставата „Дух“, македонскиот Хамлет на Дуковски

$
0
0

Македонски народен театар ја најавува премиерата на најновата претстава со работен наслов „Дух“, според последниот текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Премиерата ќе се случи на средината на април на големата сцена на МНТ.

По соработката на претставите „Дракула“ (2008) и „Силјан штркот шанца“ (2016), ова е уште една соработка на веќе докажаниот тандем Дуковски – Јаниќијевиќ.

Драмата зборува за трагедијата на едно современо семејство, кое ја губи куќата поради долгови, и притоа немаат начин како да го исплатат долгот кон доверителите, на кои куќата им ја ставиле под залог. Низ темата е изразен/истакнат бунтот на главниот лик кон социјалната и морална навреда во современото општество.

Во претставата играат: Гораст Цветковски, Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ,Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.

Сценографијата е на Велимир Жерновски, костимограф е Лидија Георгиевска, извршен продуцент е Виктор Рубен, а инспициент е Никола Кимовски.

Овој текст праизведбата ја имаше надвор од Македонија 2015 г. во Српско народно позориште, Нови Сад, во режија на Александар Поповски, а непосредно по тоа во септември 2016 г. и во Белград, во режија на Милан Нешковиќ.

[Галерија] Протест пред Собрание поради Законот за употреба на јазиците

$
0
0

Повеќе граѓани денеска напладне се собраа пред македонското Собранието во знак на револт против  носењето на Законот за употреба на јазиците.  За денеска во 13 часот е најавено продолжението на 32. собраниска седница, на чиј дневен ред третото читање на Законот за јазици. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе илјадници амандмани за овој закон.

[Фото] Како би изгледале „машките“ логоа кога би имале женски лик

$
0
0

Оваа година, Денот на жената беше во знакот на моќта на жените, а голем број компании, најмногу од кога било досега, го обележаа празникот.

„Creative Equals“, организација чија цел е да ги поддржи талентираните жени и да ја промовира разновидноста во креативните индустрии, одлучи да ги замени познатите логоа на светските брендови со женски фигури со цел да ги потенцира проблемите со нерамноправното брендирање.

Во замената на логоата се вклучија компании како „Pringles“, „Monopoly“, „DreamWorks, „Schwarzkopf“ и „Bic“. Организацијата „Кретивна еднаквост“ се надева дека со оваа кампања ќе им даде поголема видливост на прашањата за родова нееднаквост, бидејќи според основачот и извршниот директор на организацијата, Али Ханан, 89,5 отсто од главните дизајнери се мажи и тоа влијае врз идентитетот на брендот.

Во интервју за „Dezeen“, Ханан изјави дека тие не напаѓаат ниту еден од овие брендови, туку сакаат да покажат различни примери за да ги натераат луѓето да го слават Меѓународниот ден на жената и да размислуваат за потребата од повеќе жени во креативните индустрии.

Извор: Окно

Утре истекува рокот за поднесување на годишна даночна пријава во УЈП

$
0
0

Утре истекува рокот за поднесување годишна даночна пријава за утврдување на персоналниот данок на доход и пријавување на приходите кои граѓаните ги оствариле во 2017 година.

Според УЈП, до сега се поднесени вкупно 334.360 пријави, а денеска и утре се очекува тоа да го сторат уште 100 илјади граѓани.

„Со цел избегнување на метежите, особено во Регионалната дирекција Скопје, апелираме граѓаните да ги поднесуваат пријавите и на шалтерите на УЈП кои се отворени во Центар, како и општините Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Аеродром и мобилниот даночен шалтер во Драчево што ќе биде стациониран на 15 март пред месната заедница во периодот од 10.00 до 14.00 часот“, информираат од УЈП.

За ненавремено поднесување, односно неподнесување даночна пријава и нецелосно пријавени приходи Законот предвидува глоба од 100 до 200 евра, во денарска противвредност.

Пријавите освен на шалтерите може да се поднесат електронски и да се испратат по пошта.

Русе Арсов е новиот директор на МКЦ

$
0
0

Од вчера за в.д. директор на ЈУ Младински културен центар е назначен Русе Арсов, досегашен програмски уредник на Младинскиот културен центар, звршен продуцент и член на програмскиот совет на фестивалот „Млад Отворен Театар“.

Со тоа завршува осумгодишната соработка со досегашниот директор Златко Стевковски.

„На нашиот колега Русе, му посакуваме среќа и несебична поддршка достојно да продолжи ги брани боите на МКЦ!“, се вели во соопштението.

Русе Арсов е дипломиран на отсекот за филмска, тетарска и ТВ продукција, на Факултетот за Драмски уметности, при Универзитетот „Кирил и Методиј“, Скопје. Како продуцент се појавува во филмските проекти „Северен лет“ (2004) и „Дом“ (2005).


Јапонија планира да ја намали возраста на полнолетството на 18 години

$
0
0

Децата во Јапонија ќе се сметаат за возрасни кога ќе наполнат 18 години, наместо како досега, со 20 години. Ова се предвидува со законските измени поддржани од Владата.

Ако измените се усвојата, 18-годишниците ќе можат да стапат во брак, да потпишат договори и да земаат кредити без согласност на нивните родители. Сепак на тинејџерите се уште ќе биде забрането пушење, пиење алкохол и коцкање, се додека не наполнат 20 години.

Ако парламентот гласа за законот, тој ќе стапи на сила во 2022 година. Тоа ќе биде прва промена на законот што ја дефинира зрелоста, донесен во 1876 година.

Според постојниот закон, лицата под 20 години можат да стапат во брак само со согласност на нивните родители. Мажите можат да го сторат тоа по 18 години, а жените од 16 години. Но, овој амандман ќе ја зголеми возраста на која жените можат да стапат во брак, така што сите 18-годишници ќе можат да го сторат тоа без согласност на родител.

Владата одлучи да одреди иста возраст за двата пола, бидејќи немаше оправдана причина за таа разлика, соопшти јапонските медиуми. Исто така, законот ќе им овозможи на 18 и 19-годишниците да склучуваат договори за мобилни телефони и за кредитни картички. Ова доведе до стравување дека некои бизниси може да користат тактики за продажба кои имаат за цел да ги искористуваат ранливите млади луѓе.

Предлог-законот вклучува клаузули кои се дизајнирани да ги заштитат од овој проблем. На пример, младите ќе можат да го откажат договорот ако веруваат дека продавачите ги изманипулирале или ги притискале да  потпишат вакви договори.

Министерствата за образование и правда, исто така, се изјаснија дека ќе ги едуцираат тинејџерите за одговорностите кои ќе дојдат со промената.

Краток филм ги снима реакциите на граѓаните додека гледаат во Месечината низ телескоп

$
0
0

Режисерите Алекс Горош и Вајли Оверстрит го објавија краткиот филм за Месечината „A New View of the Moon“ (Нов поглед кон Месечината), во кој се гледаат реакциите на жителите на Лос Анџелес кои добиваат можност низ телескоп да погледнат кон небото.

Во текот на 18 месеци, режисерското дуо го поставува телескопот на повеќе локации низ градот, внимавајќи да не се фокусира на некое специфично соседство. И покрај тоа што во филмот се снимени луѓе од повеќе социјални слоеви, заедници и раси, како гледаат кон орбитирачкото астрономско тело, секој од нив има иста реакција – целосна стравопочит.

Фросина Пармаковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017

$
0
0

„Одбројување“ на Фросина Пармаковска, објавен од издавачката куќа „Или-Или“, ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Одлуката ја донесе жири во состав: Давор Стојановски, писател и минатогодишен лауреат, Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“, и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Според образложението на жирито, романот „Одбројување“ претставува ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие.

„Приказната е структурирана во три дела, каде низ постојани флешбекови на внатрешен монолог, неименуваната нараторка, која е и централен протагонист во делото, ни ја открива незавидната положба – заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување, кое никој од блиското семејство не сака да го прифати или препознае“, се наведува, меѓу другото, во обрзложението на членовите на жирито.

Тие го избраа романот на Пармаковска меѓу 27 пристигнати романи, а финалисти на наградата беа и романите „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, издание на „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски, издание на „Антолог“.

„Одбројување“ е трет роман на Пармаковска која дипломирала на  катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институт за македонска литература. Таа е авторка и на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.

Наградата „Роман на годината“ од 1999 до минатата година ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“.

Изгласан Законот за јазиците –што понатаму?

$
0
0

Со 64 гласа и во тензична атмосфера, на раб на физичка пресметка, вчера попладне беше изгласан Законот за јазиците во трето читање, откако еднаш претседателот Ѓорѓе Иванов одби да го потпише.

Шефот на државата и синоќа во обраќање до јавноста изјави дека „Уставот и совеста не му дозволуваат да го потпише Указот за прогласување на Законот“.

Од сите страни стигнуваат реакции во кои или се поздравува или се оспорува Законот и начинот на неговото донесување. Агенцијата „Мета“ издвојува неколку сценарија за судбината и примената на Законот по неговото изгласување:

1. Иванов да го потпише Указот (малку веројатно)
2. Иванов да не го потпише (иако, според Уставот, нема право на второ вето, односно ако веќе одбил да потпише указ за закон и тоа во повторена постапка на гласање повторно е донесен од пратениците е должен да го потпише указот)
3. Уставна криза – Никој со сила не може да го натера Иванов да стави потпис на Указот, но тоа веќе ќе создаде уставна криза – веќе изгласано законско решение да остане непотпишано.
4. Тужби пред Управниот суд за утврдување надлежност и повреда на управна постапка.
5. Без потпишан указ од претседателот на Републиката законот НЕ МОЖЕ да биде објавен во „Службен весник“, а штом не е објавен не може да стапи на сила и не може да се применува во практика.
6. Уставот не утврдил рок кога претседателот треба да го потпише указот што значи остава широк простор за блокада на објавувањето на законот и неговото влегување во сила.
7. Да се поднесе (кој?) барање за автоматско објавување на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ за да започне и официјално да се применува.
8. Серија претставки до Уставниот суд.

Со Законот за употреба на јазиците се предвидува сите закони и други акти донесени од Собранието, како и Владата да се објавуваат и на албански јазик. Истовремено, албанскиот јазик станува службен и во институциите на централната власт, односно ќе се применува во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Со Законот судовите и јавните обвинителства, треба да овозможат примена на кој било од службените јазици и нивните писма во постапките, а двојазичност се предвидува и во органите на локалната самоуправа. За спроведување на Законот ќе се грижи Агенцијата за примена на јазикот, за која ќе се двојат 1,7 милиони евра годишно, како и Инспекторат за употреба на јазиците кој ќе работи под Министерството за правда.

Топ-листа на најсреќните држави: Македонија 89-та од 156 земји во светот

$
0
0

Македонија се најде во долната половина на овогодишната листа на најсреќни држави на светот, заземајќи го 89-тото место од вкупно 156 светски земји, во друштво на држави како Азербејџан, Либан, Јордан и Нигерија, според најновиот извештај „World Happiness“ кој го објавуваат Обединетите Нации.

Споредено со регионот, Македонските граѓани се посреќни во споредба со оние на Босна и Херцеговина, Албанија и Бугарија, но се помалку среќни од жителите на Словенија, Косово, Хрватска, Србија, Црна Гора и Грција. Од Балканскиот регион највисоко рангирани се Словенија, на 51 место веднаш следена од Романија едно место подолу.

Извештајот е годишна публикација на Мрежата на Обединетите Нации за одржлив развој, а се заснова на истражувањата на јавното мислење од страна на „Галуп“ за благосостојбата во секоја од државите.

Оваа година најсреќна држава во светот е Финска, која ја престигна Норвешка на првото место. На првите пет позиции на најсреќните држави се наоѓаат уште и Норвешка, Данска, Исланд и Швајцарија.

Најнесреќната држава во светот е Бурунди, додека на последните пет позиции се наоѓаат у Централноафриканската Република, Јужен Судан, Танзанија и Јемен.

Ова е шеста година како се објавува извештајот за среќата во светот, а првпат го мери и нивото на среќа на имигрантите во секоја од државите. И по овој параметар, Финска е водечка во светот, додека Македонија се наоѓа на 76-тото место од 117 држави. Најнесреќни се имигрантите во Сирија и Того.

Град Скопје ги повикува жителите да пријавуваат диви депонии

$
0
0

Со испраќање фотографија и локација на депонијата преку Вибер на бројот 070 270 557 или со порака на официјална фејсбук страница на Град Скопје, скопјани ќе можат да пријавуваат диви депонии.

Ова го соопшти портпаролот на Градот, Ваљон Салиху посочи дека на овој начин полесно ќе се лоцираат депониите и истовремено ги повика граѓаните да се вклучат во пролетната акција за чистење на Скопје. Акцијата ќе ја спроведат јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ со своите работници и расположливата механизација.

„Сакам да ја искористам оваа пригода и да ги повикам и сите општествено одговорни компании и институции да ни се приклучат и да ни помогнат со својата механизација за почисто Скопје, бидејќи Скопје е заеднички дом и треба заедно да го чуваме“, исјави Салиху.  – рече на денешната прес-конференција .

Градот Скопје во текот на есентa организираше акција за чистење на јавните површини, кога беа собрани над 3.000 кубни метри смет.

Жив штит за безбедни пешаци и велосипедисти во Скопје

$
0
0

Вчера, со жив штит, во улога на „човечки столпчиња“ активистите од иницијативата „На Точак“, го прославија „Националниот ден на немање безбедна патека при градба”.

Со нивна помош, еден час им беше овозможено на минувачите, без разлика дали се пеш или на велосипед, да се чувствуваат безбедно додека заобиколуваат градежни зафати на две раскрсници, на бул. „Партизански Одреди“ и на бул. „Илинден“.

„Облечени со флуересцентни елечиња и со поставување на импровизиран дрвен слеан рабник на тротоарот, создадовме безбеден премин на велосипедстите во дел од крајната коловозна лента кој го заштитивме со нашите тела испраќајќи порака до надлежните дека негативната пракса на блокирање на патеките без да се понуди алтернатива за преминување на ваквите критични места е недозволива“, појаснуваат од иницијативата.

Тие бараат надлежните во Град Скопје да ја сфатат сериозно потребата и да овозможат непрекинато одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, наместо да го парализираат секогаш кога треба да се интервенира со градежни зафати.


Фото конкурсот за млади „Моја соба –Мој свет“

$
0
0

„Низ објективот покажете ни го вашиот свет. Не пропуштајте ја можноста да ја изразите вашата креативност“, порачуваат од здруженијата „Аква“ и ИНКА по повод распишувањето на Фото конкурсот за млади „Моја соба – Мој свет“.

Сите информации во продолжение:

Сообраќајка наместо убиство –преквалификувано делото за смртта на малиот Алмир

$
0
0

Обвинетиот за случајот со смртта на малиот Алмир Алиу од Куманово, нема да одговара за „убиство со умисла“, туку за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, откако на денешното рочиште обвинителката направи преквалификација на делото. Ова се случи во Судот во Куманово, кога беа изнесени завршни зборови на судењето против обвинетиот Бобан Илиќ, кого Обвинителството го гони за убиство на четиригодишниот Алмир.

На судскиот процес му претходеа повеќе протести за малиот Алмир и остро се осудуваа обидите да се направи преквалификација на кривичното дело. Со нив се бараше неселективна правда, како и Јавното обвинителство на Република Македонија, но и од Јавните обвинители како носители на функции, стручно и совесно да ја вршат нивната функција.

„Убиство е убиство!“ – протест против селективна правда за случајот со малиот Алмир

Македонската јавност пред две години ја потресе случајот со четиригодишниот Алмир од Куманово, кој беше прегазен, по што почина. На случката ѝ претходела расправија меѓу родителите на детето и осомничениот за прегазувањето. Ден по информацијата за неговата смрт, беше објавен и видеозапис од немилиот настан.

[Дискусија] Слободата во Македонија во „лимбо“ –Ниту еден напад врз новинар нема судска разрешница

$
0
0

Стотина новинари мораа да излезат на протест пред Владата за Јавното обвинителство да покрене истрага за случајот на закани упатени до претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.

„Моравме, фигуративно кажано, да им се качиме на глава на одговорните за тие да си ја вршат својата работа“, вели иронично Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ.

За последниве 4 години, Здружението на новинарите регистрирало 55 напади врз новинари, 18 од нив лани. Ниту еден од нив нема конечна судска разрешница. Најголем дел од нив се физички напади врз новинарите, уништување на имот и вербални закани кон новинарите. Ниту еден од нив нема финална судска разрешница.

За Секуловски е загрижувачки што трендот на напади продолжува и во 2018. Тој посочува дека Македонија, за разлика од другите балкански држави, е единствена каде нема ниту една пресуда за говор на омраза, или физички напад кон новинар.

„Се додека новинарите не се чувствуваат безбедни во својот работен амбиент – што најчесто е улицата, ние не можеме да се надеваме дека Македонија на оние рангирања на „Фридом Хаус“ и „Репортери без граници“ ќе биде на место подалеку од јужноафриканските земји“, рече Секуловски.

Главниот проблем за Зоран Фиданоски, член на Советот на Агенцијата за медиуми, е што политичките елити ги гледаат медиумите и новинарите како непријатели, а не како сојузници во остварување на нивните ветувања до граѓаните.

„Најголемата заштита за новинарите е кога државата брзо и одлучно ќе ги разрешува сите закани кон нив и со тоа ќе им обезбеди безбедно окружување во нивната работа. Се додека нема казни за насилниците, тие ќе се мултиплицираат. До скоро се соочувавме со ситуации потенцијални поттикнувачи на насилство да бидат штитени како „бели мечки“, рече тој на на тркалезната маса со наслов „Има ли слобода во Македонија“, организирана од граѓанското здружение „Цивил – Центар за слобода“.

Претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала вели дека нивниот проектот, во кој биле интервјуирани преку 260 новинари, медиумски работници, граѓански организации и граѓани, се одвивал во период на тектонски политички и општествени промени. Една четвртина од испитаниците одбиле да зборуваат пред камера, посочувајќи дека најчесто тоа било поради страв од реперкусии.

„Забележуваме недоволно решителна транзиција на моќта и бавна трансформација на општеството од заробено кон демократско и слободно. Проектот завршува во време кое е институционално и општествено лимбо, во кое се заглавени и спротивставени потребите и надежите од една страна и тегобната реалност, инертноста и старите навики од другата страна. И тоа не може да трае предолго, доколку не се преземат сериозни чекори и исполнување на овие препораки, нашиот пад надолу ќе биде уште побрз од претходните десетина години“, објасни Дерала.

„Само гласноста е лек против оние кои сакаат да ја ограничат слободата“, рече новинарот Столе Наумов, додавајќи дека причина за ситуацијата во која се наоѓа Македонија лежи и во клиентелистичкиот однос кај медиумските работници, кои слободата ја препуштаат во замена за финансии и комоција.

Македонија според „Фридом Хаус“, заедно со Белорусија и Турција се единствените европски држави кои во извештајот за слободата на медиумите го имаат статусот „неслободни“. Според Репортери без граници, земјава се наоѓа на 111 место од 180 земји во светот според нивниот индекс за слобода на медиумите.

Даниел Евросимоски

Усвоени измените во Законот за заштита од пушење

$
0
0

Пратениците во Собранието попладнево ги изгласаа измените и дополнувањето на Законот за заштита од пушењето, со 41 глас  „за“, 14 „против“ и еден „воздржан“.

Измените беа предложени од пратениците на владејачкото мнозинство, а со нив се брише ставот кој го дефинира просторот за пушење надвор од угостителските објекти, па отсега ќе биде дозволено да се пали цигара на тераси, независно дали се затворени или отворени.

Пратениците кои ги предложија измените во постоечкото законско решение, посочија дека тоа го прават поради  драстично намалената посетеност на угостителските објекти.

„ Сметаме дека притоа , со измените и дополнувањата на текстот на Законот од 2008 година наваму, воведувани се се построги правила на заштитата од пушењето кои, особено во делот на заштитата од пушењето во угостителските објекти, се преограничувачки и за вршителите на угостителската дејност и за корисниците на  угостителските услуги и за самите пушачи. Актуелните законски решенија ја влошија економската состојба во Република Македонија, со тоа што заради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафетериите, ноќните барови, кафе баровите, кабареата, дискоклубовите, пивниците и коцкарници, сопствениците беа принудени да отпуштат дел од постојано вработениот персонал, со што се зголеми и бројот на невработени, што е во спротивност со владините кампањи за отварање нови работни места. Угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот (околу 75%) особено за време на периодите кога временските прилики не се поволни за работа (зима, доцна есен и рана пролет), период во кој угостителите  се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци (струја, греење и сл.).

Од друга страна, намалениот обем на работа за последица има и намалени обврски по основ на ДДВ и престанок на закуп на земјиштето сопственост на Република Македонија за поставување урбана опрема , следствено и комунална такса, со што директна штета трпат и општината и државата.Угосителите  се принудени нивните гости  кои сакаат да запалат цигара, или да ги одвратат од намерата да бидат нивни гости, или пак да ги упатат гостите вон деловниот објект, вклучително и вон терасите и летните бавчи, што е мошне неприкладно, недолично и непродуктивно.

Контрадикторноста на Законот ја гледаме во тоа што истото дејствие, т.е. запалена цигара надвор од деловниот објект (на тераса, летна бавча и слично), ако се временските услови погодни и преградите подигнати или отстранети , не подлежи на санкција, додека во спротивно подлежи на санкција , која патем е огромна. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација“, стоеше во образложението за измените.

Повик за стрип работилници во Скопје

$
0
0

На Институт за етнологија и антропологија на Природно математичкиот факултет се организира работилница за стрип што ќе ја водат Давор Драмиканин и Здравко Гиров.

„Кој сака да црта демони, богови, чуми, караконџули и други добри и лоши чудовишта од нашата митологија и демонологија – еве можност заедно да го направиме тоа. Со работилницата ќе се потрудиме да го извлечеме најдоброто од вашата визуелизација на одредени ликови.Претходно, ваше ќе биде да направите детално истражување за изгледот, карактерот, околината каде делувале“, порачуваат организиторите на работилницата.

За повеќе инфо, како и за учество, се пријавува на адресата nesc.r.2000@gmail.com.

Од месец април пак ќе започне проектот „Градот Скопје и стрип илустраторираните митолошки јунаци“, проект за кој МСЕД, Македонско студентско етнолошко друштво доби средства на конкурсот за проекти од областа на културата на град Скопје.

Проектот ќе трае 4 месеци, од кои, два месецa се предвидени за стрип работилници, а другите два за подготовка за печат и печатење на Збирката стрип илустрации. Пријавување и информации на nesc.r.2000@gmail.com.

Viewing all 38402 articles
Browse latest View live


<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>