Quantcast
Channel: Радио МОФ
Viewing all 38486 articles
Browse latest View live

„Made in Macedonia“ –симфониски концерт на Македонската филхармонија во четврток

$
0
0

„Made in Macedonia“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи во четврток (15 март) во 20 часот.

Како солист ќе се претстави еден од најдобрите македонски кларинетисти, Здравко Ангелов, прв кларинетист во Македонската филхармонија, кој ќе го изведе Концертот за кларинет и
оркестар бр. 1 од Лудвиг Шпор.

Диригент на концертот е маестро Борјан Цанев, а на програмата оваа вечер се и делото „Лет“ од австралискиот композитор со македонско потекло, Мајкл Бакрнчев, како и познатата Симфонија бр. 41 „Јупитер“ од музичкиот гениј Моцарт.

  • Здравко Ангелов (1978, Струмица) е еден од најистакнатите македонски
    кларинетисти. Своето музичко образование го започнал на седумгодишна возраст, а
    средното образование го завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, во
    класата на проф. Стојан Димов. Дипломирал во 2000 година во класата на проф. Иван
    Кочаров и магистрирал во 2012 година во класата на проф. Стојан Димов на
    Факултетот за музичка уметност во Скопје. Повеќе од 11 години е вработен како прв
    кларинетист во оркестарот на Македонската филхармонија. Во неговото работно
    искуство се вбројува и педагошката работа во ДМБУЦ во Скопје, како и двегодишното
    искуство како надворешен соработник во Македонската опера и балет. Во текот на
    својата досегашна музичка кариера, Здравко Ангелов се стекнал со бројни признанија
    и награди, меѓу кои: прва награда во Скопје (1989) и истата година трета награда во
    Хeрцег Нови, прва награда со камерен состав – трио во 1992 година, а во 2000 година
    ја освоил специјалната награда „Јамаха“. Настапува како солист со симфониски
    оркестри во нашата држава и надвор од неа, но и како камерен музичар, а воедно е
    постојан член на Камерниот ансамбл „Консонанс“. Учесник е на значајни фестивали,
    како што се „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“ – Битола“, „Штипско
    лето“, „Денови на македонска музика“, „Номус“, „Бемус“, а концертно настапувал и во
    Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Хрватска, Оман, Америка… Исклучителната
    музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои
    сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава со своето музицирање.
    Настапувал под палката на исклучителни диригенти како што се Даниел Рајскин, Урош
    Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут,
    Пол Меер, Емил Табаков, Борјан Цанев, Саша Николовски–Ѓумар…

„Плати со поезија“ во Скопје и Велес

$
0
0

Денот на поезијата – 21 Март оваа година по четврти пат ќе се одбележи со настанот „Плати со поезија“ во Скопје и во Велес. Сите што ќе напишат стих или песна може да се напијат кафе или чај во локалите што се вклучени во акцијата.

Настанот се одржува во десетици земји во организација на виенскиот произведувач на кафе и чај Јулиус Мајнл, со цел да се поттикне пишувањето поезија.

„Плати со поезија“ на 21 март ќе се одржи во девет локали во Скопје (Лофт, Ревија, Наргиле, Фонтана, Дион, Центар бар, Баду бар, Џуси бар, Сквер21) и во Чао кафе во Велес.

„Оваа година за разлика од минатото, движењето презеде еден чекор повеќе и на меѓународно ниво Јулиус Мајнл сака да докаже дека поезијата е духот на музиката, која е универзалниот јазик. Затоа Јулиус Мајнл заедно со познатиот музичар ЈП Купер ќе создадат песна која ќе ги поттикне поетите од цел свет“, соопштија организаторите

Лов на вештерки: феминистички осврт во „Дуња“

$
0
0

Само-организираниот колектив на СЦ Дуња во четврток организира интерактивен настан за ловот на вештерки, период при којшто над 200 000 жени биле изгорени на клада, обесени или измачувани во западниот свет.

Гостинка ќе биде Ана Блажева, доцент и истражувачка од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-С), која ќе даде феминистички осврт на ловот на вештерки, инспирирана од Силвија Федеричи.

„Зошто воопшто имало таков покол на ,,вештерки” во тој период? Зошто најмногу жените биле прогонувани за вештерство? Kако преминот од феудално општество во капитализам влијаел врз истиснувањето на ,,вештерките” од т.н. пазар на труд и нивно ,,протерување” во домашната сфера?“, се дел од прашањата на кои ќе се зборува на настанот.

Влезот е слободен, а настанот започнува во 18 часот.

Словачкиот министер за внатрешни работи даде оставка поради убиството на новинарот Кучиак

$
0
0

Словачкиот министер за внатрешни работи Роберт Калинак поднесе оставка од функцијата по политичкиот скандал предизвикан од убиството на истражувачкиот новинар Јан Кучиак и неговата свршеница.

Како што пишува ББЦ, овој чекор доаѓа по притисокот од помалиот владин коалициски партнер – „Мост-Хид“, кои ја условиле својата поддршка за коалицијата со заминување на Калинак од министерската функција. Ова е трета оставка во словачката влада по убиството.

Критичарите обвинуваа дека Калинак, под чија надлежност е полицијата, не може да обезбеди независна истрага за убиствата.

Новинарот Кучиак истражувал корупција во највисоките кругови на власта пред да биде убиен заедно со свршеницата во неговиот дом.

Граѓаните на Словачка во петокот излегоа на масовен анти-владин протест поради бавниот напредок во истрагата за убиствата. Според медиумските информации, тоа се најголемите протести во земјата по падот на комунизмот во 1989 година.

Кривична против директорка и градоначалник кои издавале училишни простории под кирија и заработиле преку 7.000 евра

$
0
0

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава против 63-годишната Л.Т. од Чашка за “злоупотреба на службена положба и овластување” и против 47-годишниот Г.П. од Велес за сторено кривично дело “несовесно работење во службата”.

„За временскиот период од 25.04.2016 до 17.07.2017 година првопријавената, како директор на Основно училиште “Тодор Јанев” во Чашка, без добиена согласност од  општина Чашка и Министерството за образование и наука на Р. Македонија, склучила договор за сместување на работници од Градежно друштво од Скопје во ученичкиот дом кој функционира во состав на училиштето. Второпријавениот, како градоначалник на Општина Чашка, на Л.Т. и дал усмена согласност за склучување на договорот“, соопштија од МВР, додавајќи дека пријавените се стекнале со противправна имотна корист од 438.910 денари.

Протест на новинарите пред Влада: Врзете си ги кучињата!

$
0
0

„Врзете си ги кучињата, затоа што тоа се ваши кучиња, а тие луѓе се дел од вашата коалиција“, им порача претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, на владините претставници кои излегоа на протест пред Владата организиран од новинарите.

Протестот беше организиран во знак на револт од функционирањето на системот кој не ги штити новинарите, а по јавно упатените закани кон Селмани од страна на Беќир Асани од ДУИ поради неодамнешниот случај со напад на полицајка во моментот кога пајак го дигал непрописно паркираниот џип на функционерот.

„Сакам да и упатам порака на Владата на која и плаќаме даноци. Не прифаќаме објаснување дека во Владата има добри и лоши дечки, не прифаќаме дека во Македонија постојат две Влади. Ние даноци плаќаме на оваа Влада и таа има обврска да ги замолчи насилниците. Не е време Владата да повикува на осуда на насилството, тоа не е доволно. Владата има обврска да ги замолчи насилниците, инаку во спротивно ќе станат дел од таа приказна“, порача Селмани пред Владата.

Дел од новинарите во знак на револт носеа транспаренти на кои пишуваше „Дојде живот за пајаците“, „Долга е раката на пајакот“, „Копилињата нема да стивнат“, „Ж(мро)ивот“. Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, истакна дека нападот кон Селмани е напад кон сите новинари.

„Барам да се обезбеди полициска заштита за колегата Селмани, затоа што станува збор за закани од групација и лице кое веќе има минат труд во однос на насилство кон новинари и насилство врз оние со кои не се согласува. Бараме од Обвинителство да постапува по службена должност затоа што она што се случува сега со Селмани кој укажа на неочитување на правната држава и селективна правда е нешто што се однесува на за сите нас. Барам од институциите да си ја вршат својата должност, а не да изразуваат соопштенија и солидарност. Нас ни требаат дела, не соопштенија“, рече Чаусидис.

Пред присутните се обрати и министерот без ресор, а задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски кој даде свое видување за состојбите во новинарството.

„Бројот на напади врз новинари и медиуми е драстично намален,  ова сега се појавува и ова опоменува сериозно, посебно кога е напад врз претседател на Здружение на новинари . Тоа е многу сериозна работа, но сериозно се постапува од наша страна“, се бранеше Поповски и апелираше фокусот од Владата, новинарите да го насочат кон работата на Обвинителството.

Македонија од пред скоро една година доби нова коалициона влада меѓу СДСМ како најголема политичка партија од македонскиот блок и ДУИ, од албанскиот блок, заедно со неколку помали партии. ДУИ и претходно беше дел од владината коалиција со ВМРО ДПМНЕ.

Името на Беќир Асани од ДУИ пак повторно се популаризираше во јавноста пред десетина дена, кога медиумите известија за пресметка на функционерот со полицајка која асистирала на пајак службата во отстранувањето на неговиот непрописно паркиран џип од пред трговскиот центар Мавровка. Полицајката иако непосредно по настанот побарала медицинска помош, следниот ден беше примена лично од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кога на јавноста и беше пласирана информацијата дека полицајката сама се удрила во пајакот, па затоа  отишла на лекар.

Заканите кон Селмани пак стигнаа откако тој преку Фејсбук побара функционирање на правната држава, по случајот со пајакот.

Асани е познат како „лице со краток фитил“, поврзан е со инцидентот со претепувањето на Тодор Петров, претседателот на Светскиот Македонски конгрес и е лицето кое на новинарот Лирим Дулови му удри шлаканица во Собрание.

Ј.Ј.

[Став] Зошто не ми се допаѓа терминот „Западен Балкан“

$
0
0

Пишува: Кристијан Фидановски

Етикетата „Западен Балкан“ веќе петнаесет години ги продлабочува стереотипите за балканската заостанатост и за балканскиот идентитет како „недооформен“ западен идентитет, ги врти државите од (Западниот) Балкан една против друга, и ги одложува нивните евроинтеграции.

На 6 февруари, Европската унија ја објави Стратегијата за Западен Балкан, истакнувајќи ја цврстата европска перспектива на шесте преостанати земји од „Западниот Балкан“. Додека некои ја видоа стратегијата како „чекор напред“, а други како „кофа студена вода“ за регионот, самиот термин „Западен Балкан“ не му зачкрипе никому. Овој шеснаесетгодишен неологизам на Европската унија, скован на еден самит помеѓу Европската унија и Западниот Балкан во 2003 во Солун, денес се користи толку лежерно и дома и надвор што одамна ги има загубено наводниците.

Како некој кој поддржува решавање на нашиот спор за името, не сум човек што крева врева околу терминологија. Сепак, овде се работи за нешто поголемо. Евентуалното прифаќање на ново име (за меѓународна употреба) од страна на Македонија, во најлош случај, би немало никакви политички импликации, а во најдобар случај драматично би ги забрзало нашите евроатлантски интеграции. Овековечувањето на апстракцијата „Западен Балкан“, пак, досега го има спротивниот (и видлив) политички ефект: сет земји, секоја со своите предизвици (не сите заедно), се претворени во една вештачки хомогена и политички оптоварена ментална кутија.

Оттука, етикетата „Западен Балкан“ предизвикува четири ефекти: дополнително продлабочување на стереотипот за балканската заостанатост; враќање на стариот стереотип за балканскиот идентитет како „недооформен“ западен идентитет; вртење на (западно)балканските земји една против друга; и, пред сè, одлагање на истите оние евроинтеграции на регионот поради кои оваа етикета наводно беше создадена да ги забрза.

Никој не сака да биде „Балканец“

Еден германски есеист напишал дека „да не постоеше Балканот, ќе моравме да го измислиме“. Со оглед на тоа што самите „балкански“ народи ретко кога се идентификуваат како такви, Балканот е токму тоа – измислен.

Во својот брилијантен осврт врз некои од западните стереотипи за Балканот како „брутално и нецивилизирано предворје на Европа“, историчарката Марија Тодорова ја изразува својата животна борба да научи како да го „сака Балканот без ниту да се гордее со него, ниту да се срами од него“. Тодорова на маестрален начин докажува дека она што обично го доживуваме како „балканско“ почесто се темели на надворешни фантазии одошто на културната реалност. Сепак, сумирајќи ги ваквите фантазии како „балканизам“, и поставувајќи ги како лажна перцепција за „вистинскиот“ Балкан, Тодорова имплицира дека сепак постои нешто „балканско“ кое стереотипите само го извртуваат.

Ваквата импликација се коси со проникливото согледување на самата Тодорова дека сите народи на Балканскиот полуостров го имаат интернализирно „балканизмот“, прифакајќи, па дури и проширувајќи некои од негативните надворешни стереотипи за нивните култури. Соицологот Милица Бакиќ-Хејдн има покажано дека ваквото интернализирање, наместо да служи како корисен механизам за овие народи критички да го преиспитаат својот начин на живот (чисто за да се уверат дека нема вистина во стереотипите!), всушност функционира како беспоговорно признавање на „балканската“ заостанатост и, потоа, како бесконечна борба да се прикажат себеси како што е можно помалку „Балканци“. Оттука, доколку „Балкан“ не е ништо повеќе од токсична етикета која „балканските“ нации ја отфрлаат со згрозеност, се чини дека воопшто не постои каков било „Балкан“ на кој „би биле горди“ или од кој „би се срамеле“: дури и во најдобронамерниот контекст, зборот „Балкан“ е во најмала рака бесмислен, а кога не е бесмислен, тогаш е неразделив од негативни стереотипи.

Најдобар пример за интегрално негативната конотација на зборот „Балкан“ е неговата употреба во однос на југословенските војни во 1990-тите. Додека овие војни навистина се случија (делумно) на територијата на Балканскиот полуосторов, постои јасна практична причина да не ги нарекуваме „балкански“ за да избегнеме забуна со Балканските војни од почетокот на 20-тиот век. За разлика од Балканските војни, кои вклучуваа и нејугословенски „балкански“ земји како Бугарија, Романија и Албанија, југословенските војни во 1990-тите беа директен производ на распадот на југословенската држава, и како такви можат да бидат нарекувани само „југословенски“. Фактот што во време на Југославија терминот Балкан (за истите југословенски простори) не се користел речиси никогаш од страна на Западот покажува дека потребни биле само неколку години за луѓето на овие простори да бидат преименувани – односно деградирани – од „Југословени“ во „Балканци“. Тешкотиите да се сфати како потомците на импресивната држава на Тито одеднаш почнаа да се колат едни со други ја наметнаа потребата преку ноќ да бидеме преименувани во „Балканци“ за да се вклопиме во варварскиот профил на воени фанатици.

И ден денес, водечки западни медиумски куќи како Би-Би-Си и Си-Ен-Ен ги нарекуваат конфликтите во Југославија „балкански војни“. Очигледно, балканската етикета е достапна за позајмување секогаш кога ќе се јави потреба од омаловажување, при што се вметнува дури и во контексти во кои никогаш не била употребувана. Ваквата етикета го има надминато Балканскиот полуостров, станувајќи самостоен концепт: дури и Германците понекогаш знаат потсмешливо да ги наречат Австријците „Балканци“. Доколку ниту ова не ја докажува интегрално негативната конотација на балканската етикета, доволно е да согледаме дека зборот „балканизација“ (balkanization) е всушност стандарден збор во неколку европски јазици (синоним за „фрагментација“), употребуван дури и во сосема небалкански контексти. На пример, кога папата Франциско го употреби овој термин по референдумот за Брегзит со цел да предупреди за „балканизацијата“ на самата ЕУ, иронијата беше навистина голема.

(Западен) Балкан = „недооформен“ Запад

Очигледно, никој не го сака Балканот. Дали ова важи и за „Западен Балкан“? Дали овој неологизам на ЕУ, преку додавката „Западен“, ја чисти балканската етикета од својата интегрално негативна конотација? Она што е јасно е дека (се) предлага еден поинаков тип на „балканство“ во однос на оној од 1990-тите, кога поради југословенските војни балканската етикета го достигна дното (во својата секогаш негативна историја). Тогаш се сметаше дека Балканот е „неспособен да се промени“ и дека засекогаш ќе остане во својата „временска капсула: театарска сцена со пригушено светло на која луѓето беснеат, пролеваат крв и доживуваат визии и екстази“. Денес, од друга страна, Западниот Балкан се дефинира токму низ можноста за промена (преку евроинтеграциите). Човек може дури и да помисли дека ненадејниот спој на дотогашните антиподи „Запад“ и „Балкан“ во „Западен Балкан“ е всушност добронамерен, односно да го толкува како израз на вербата на ЕУ дека земјите-кандидатки ќе ја спојат својата сегашна „балканштина“ со посакуваното „европејство“.

Сепак, доколку ја прашаме Тодорова, таа речиси со сигурност не само што би била внимателна во сфаќањето на „Западниот Балкан“ како позитивна промена на перцепцијата, туку воопшто не би видела промена во однос на традиционалната претстава за Балканот. Впрочем, тезите на Тодорова се дистинктивни од оние на Едвард Саид во неговото дело „Ориентализам“ токму поради идејата дека, за разлика од Истокот, кој се доживува како „спротивен свет на Западот одделен од него со непремостлив јаз“, Балканот се доживува како „полуразвиен и полуцивилизиран мост помеѓу две фази на развој“. Флуидната категорија „Западен Балкан“ совршено го репродуцира ваквиот концепт на нецелосност, бидејќи членството во оваа категорија е дефинирано преку процесот на пристапување кон ЕУ и истекува во истата секунда кога земјата ќе влезе во ЕУ. Оттука, „западнобалканската“ варијанта не е ништо повеќе од една модерна верзија на традиционалниот стереотип за Балканот како безличен ентитет, чија единствена цел е да фати приклучок со Западот како симбол за цивилизираност.

Вон ваквото фаќање приклучок, на Балканот не му се припишуваат никакви дистинктивни особини, што го прави бесмислен како концепт. Оттука, единствениот ефект на неологизмот „Западен Балкан“ не е да ја исчисти балканската етикета од нејзината токсична конотација, туку формално да ја овековечи секогаш присутната слика за Балканот како недооформен простор во лимбо-состојба. Ваквата слика неизбежно предизвикува сурова трка последниве години помеѓу „западнобалканските“ народи за тоа кој побрзо ќе ја надрасне сопствената „балканштина“.

„Е не, ти си поголем Балканец!“

„Никој не сака да биде дел од Балканот. За Хрватите, Балканот започнува во Босна; за Босанците, во Србија; за Србите, во Романија“. Ваквото до болка прецизно согледување за тоа како „балканските“ народи го репродуцираат балканскиот стереотип не го дава аналитичар, туку четиринаесетгодишно момче од Загреб. Што ЕУ навистина сакала да постигне со терминот „Западен Балкан“ е неважно бидејќи кога се кова нов концепт, мора да се води грижа за неговата интертекстуалност, односно за сите постоечки конотации кои новиот концепт би можел да ги побуди. Бидејќи балканската етикета никогаш не била прифаќана од никого, туку со згрозеност му била префрлана на соседот, јасно е дека ЕУ не можела да очекува од овие земји да го прифатат концептот „Западен Балкан“ како колективна можност за „европеизација“ (напредување), наместо како напредување на едни на сметка на понатамошната „балканизација“ (назадување) на други.

Терминот „Западен Балкан“ е не само штетен за регионалната соработка за време на евроинтеграцискиот процес, туку наметнува уште еден дополнителен проблем: фиксниот датум на истекување на членството во „западнобалканската“ категорија. Откако влезе во ЕУ во 2011, со тоа напуштајќи го „Западниот Балкан“, Хрватска наеднаш беше изоставена од официјалните критики на ЕУ за недоволно пост-воено помирување, па дури и регионалните младински семинари за помирување ги изоставија хрватските студенти од своите програми. Ако се има ова предвид, изјавата на (наводно умерениот) хрватски премиер Андреј Пленковиќ дека неодамнешната пресуда против хрватските воени злосторници во Босна е „морална неправда“ не требаше да изненади никого: членството во ЕУ не може да биде магично стапче кое ќе го избрише негирањето на сопствените злосторства во едно пост-воено општество. Хрватска формално го „напушти“ Западниот Балкан, но дали „Балканот“ ја напушти Хрватска?

Заглавени во чекалната на ЕУ

Постои очигледна корелација помеѓу вкоренувањето на етикетата „Западен Балкан“ и исклучително бавниот ритам на евроинтеграциите во регионот. Интересно е што уште многу пред 2003, ЕУ (разбирливо) се обиде да го одвои нашиот пост-воен регион од остатокот од екс-комунистичкиот блок. Основан во 1999, Пактот за стабилност во Југоисточна Европа меѓудругото ги вклучуваше и сите седум нации кои четири години подоцна ќе станат дел од „Западниот Балкан“ (минус Црна Гора и Косово, кои тогаш сè уште не беа независни држави).

Зошто тогаш на крајот ЕУ сепак се одлучи за терминот „Западен Балкан“ наместо за „Југоисточна Европа“? Со оглед на тоа што секоја од седумте засегнати држави навистина се наоѓа во југоисточна Европа, овој географски термин ќе беше неутрално решение неоптоварено со негативните стереотипи за Балканот. Дали можеби се сметало дека влегувањето во ЕУ на Бугарија и Романија пред останатите би ја направило категоријата „Југоисточна Европа“ бесмислена? Но, зошто тогаш „Западен Балкан“ се употребува и ден денес иако Хрватска влезе во ЕУ уште во 2011?

Проширувањето на ЕУ со десет нови држави (повеќето од нив екс-комунистички) во 2004 произведе анксиозност која несомнено придонесе за формирањето на некои од денес веќе етаблираните евроскептични партии низ Европа. Истата оваа анскиозност можеби беше и скришниот кум на етикетата „Западен Балкан“. Оставањето на „западнобалканските“ држави во иста, неименувана категорија со двете источноевропски држави кои не влегоа во ЕУ во 2004, Романија и Бугарија, ќе имплицираше дека ниту една од овие држави не е фундаментално дистинктивна од оние кои влегоа во 2004. Последново, пак, ќе имплицираше дека проширувањето на ЕУ кон Источна Европа само започнало во 2004, односно дека треба да биде што поскоро комплетирано со приемот на еднаков број екс-комунистички држави колку што биле примени и во 2004, само помалку развиени, понестабилни и со огромно иселување. Затоа, создавањето на етикетата „Западен Балкан“ симболично го одложи приемот на овие држави на неодредено, лишувајќи ги безмалку со еден потег од нивното „(југо)источно европејство“, односно враќајќи им го стариот и добропознат статус на „Балканци“.

Етикетата „Западен Балкан“ се покажа како лоша идеја и за ЕУ и за самите (западно) балкански држави. Петнаесет години по создавањето на „Западниот Балкан“, евроскептицизмот ја тресе ЕУ дури и посилно одошто пред 2003. Во самиот „Западен Балкан“, пак, долгогодишните козметички реформи навистина направија „балканското“ да изгледа неспоиво со „западното“. Додека Македонија се наоѓа над регионалниот просек во овој поглед, процентот од вкупното население во „западнобалканските“ држави кој негува позитивен став за ЕУ е едвај поголем од 50 отсто. За жал, се чини дека старата стереотипна претстава за (Западниот) Балкан како лимбо-простор во предворјето на Западот постепено се претвора во реалност.

Кристијан Фидановски има дипломирано политички науки и источноевропски студии на Универзитетскиот Колеџ Лондон. Моментално живее во Вашингтон, каде е дел од постдипломска програма по руски и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун. Исто така е уредник на онлајн-магазинот на англиски јазик за политички и општествени прашања во Источна Европа „Востокијан“. Негови примарни интереси се политиката и општеството на ексјугословенските простори.

*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.

Викендов беа избрани најдобрите дебатери почетници

$
0
0

Младински образовен форум викендов го организираше Националното дебатно првенство за почетници на кое се натпреваруваа стотина дебатери од Скопје, Велес, Тетово, Прилеп, Струга и Куманово. Победници на овој турнир беа дебатерките: Калина Михајловска, Христина Цветановска и Бисера Шегмановиќ, кои доаѓаат од училиштата Никола Карев, Јосип Броз – Тито и Васил Антевски – Дрен.

Второто место го освоија дебатерките Антонија Димитровска, Јелена Сиљаноска и Ана Бојаџиевска. За најдобра индивидуална говорничка беше избрана Христина Цветановска, втора говорничка беше Марија Јанева, а третото говорничко место го освои Ана Маркоска.

Главната теза на која дебатираа средношколците во World Schools дебатниот формат, презентирајќи аргументи за одбрана и побивање на тезата беше: „Овој Дом Верува Дека важни здравствени одлуки за децата треба да се носат од медицински професионалци наместо од нивните родители.“
На турнириот се дебатираше и на уште две импромпту тези (тези кои не се однапред најавени):
„Овој Дом жали за подемот на Фејсбук“ и „Овој Дом би вовел задолжително тестирање за родителство“.

Националното дебатно првенство за почетници дебатери имаше за цел да обезбеди натпревар базиран на организирана и аргуметирана дискусија, за дебатерите кои оваа година за прв пат посетуваат предавања по дебата. Во овие неколку денови младите средношколци ги предизвикаа сопствените ставови и дискутираа за квалитетот на здравството, улогата на фармацевските компании и родителите во животот на младите и начините како да се подобри состојбата на повеќе нивоа, почнувајки од самите млади до институционални механизми достапни на државата. Преку истражување, аргументирано изразување и тимска работа, средношколците кои се почетници дебатери ги продлабочија своите знаења.

Првенството се одржа во ООУ „Јохан Хајнрих – Песталоци”, а финалната дебата на која се натпреваруваа најдобрите дебатни тимови се одржа во Големата сала на Советот на Град Скопје.

Националното дебатно првенство за почетници е организирано од МОФ. Првенството беше поддржанo од програмата Civica Mobilitas реализирана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а организирано со поддршка од Магрони и Нескафе, и во соработка со Општина Центар и Град Скопје.


За четири години со поддршка на УСАИД се вработиле 115 лица со попреченост

$
0
0

 

За четири години, од 2012 година до 2016 година, преку проекти на УСАИД се вработени повеќе од 115 лица со попреченост, а 12 отвориле сопствен бизнис. Истовремено над 70 лица реализирале практична работа во различни компании, јавни институции и невладини организации, а повеќе од 250 лица од приватниот сектор ги поминале обуките за менторство на лица со попреченост, соопштија од УСАИД кои годинава одбележуваат 25 години од своето присуство во Македонија.

Во моментов УСАИД во партнерство со фондацијата „iVote“ работи на проект чија цел е да ја зголеми интеграцијата на младите лица со попреченост на пазарот на трудот во Македонија, со акцент на ИКТ индустријата. Сите курсеви се достапни за сите заинтересирани млади, без разлика дали имаат некој вид на попреченост или не, при што курсевите во комбинација со практично искуство во компаниите треба да им овозможат на младите да се стекнат со потребните вештини за да ги надминат бариерите што го спречуваат нивното учество во работната сила на пазарот на информатичката технологија.

Преку овој проект, за првпат во Македонија се изготвени 20 онлајн курсеви за меки и бизнис вештини во формат кој целосно одговара на потребите на заинтересираните лица, односно се прилагодени за да може да ги следат лица со оштетен вид, слух, говор или пак блага интелектуална попреченост. Повеќе од 130 млади лица ги завршиле овие онлајн обуки, а 27 преминале во втората фаза каде се обучуваат за работа во ИКТ секторот во една од трите области: тестирање на софтвер, програмирање и мултимедија. Овие лица по завршувањето на курсевите, ќе имаат можност за работа во ИТ компаниите каде ќе можат практично да ги применат стекнатите вештини, како основа за понатамошно вработување.

 

„Преку кул ми е“ –дебата за младите и нивната вклученост во медиумите

$
0
0

Новата младинска емисија „Крик“ заедно со Младинскиот совет на Американската амбасада во Република Македонија организираат дебата посветена на улогата на младите во медиумите и нивната медиумска писменост.

Дебатата е дел од серијата настани насловени „Let’s talk about this“ („Ајде да зборуваме за ова“).

„Во општество во кое младите се ставени на маргините, тие успеваат да изнајдат субврезивни форми на изразување. Графити, музика, филм, активизам, волонтирање, блог или влог, па се до апатија“, стои во описот на настанот.

Дискусијата ќе се одржи во недела, со почеток во 19 часот во Кинотека на Македонија.

Инаку, „Крик“ е емисија која обработува теми поврзани со животот, предизвиците и проблемите на младите луѓе во државата.

Почина Живанши

$
0
0

Основачот на модната куќа „Живанши“, легендата на францускиот и светски дизајн Ибер де Живанши почина, потврди неговото семејство.

Легендарниот француски дизајнер кој беше задолжен за модните стилови на Џеки Кенеди и Одри Хепберн почина на 91 години.

„Со голема тага известуваме дека нѐ напушти Ибер де Живанши“, наведува во соопштението партнерот на модниот дизајнер Филип Вејн.

Живанши е роден на 21 февруари 1927 година во семејство на многу уметници. Меѓу останатото, прадедото на Ибер изработувал костими за театар, а некои од неговите модели се во Елисејската палата.

Ибер де Живанши ја созде својата модна куќа на 25-годишна возраст и беше еден од најмладите модни дизајнери. Светски познат станат по средбата со Одри Хепберн, што подоцна се претвори во долгогодишно пријателство. Двајцата работат за првпат заедно во филмот „Сабрина“ во 1954 година, а фустанот на Хепберн, создаден од Живанши, од почетните кадри на „Појадок кај Тифани“ (1961) е вистинска легенда.

Во 1988 година, Живанши ја продаде модната куќа „Живанши”, а во 1995 година се повлече од светот на модата.

Четири години по објавената војна против загадувањето, Кина победува

$
0
0

На 4 март, 2014 година, кинескиот премиер Ли Кечијанг, им порача на скоро 3 000 делегати на Народниот конгрес и на уште многу други кои го гледаа во живо на телевизија дека „Решително ќе објавиме војна против загадувањето исто како што објавивме војна против сиромаштијата“, пишува Мајкл Гринстоун за Њујорк Тајмс.

Изјавата доаѓа по долготрајната политика на земјата за ставање на економскиот раст пред заштитата на  животната средина, во време кога многумина се прашуваа дали Кина навистина ќе продолжи на ист начин.Четири години по таа декларација, податоците покажуваат дека Кина победува, со рекордно темпо. Градовите ги намалија концентрациите на ситни честички во воздухот за просечно 32%, само за четири години.

Брзината на движењето против загадувањето отвори важни прашања во врска со човечките трошоци. Но, ако Кина ги одржи овие намалувања, неодамнешните истражувања на моите колеги и на мене укажуваат на тоа дека жителите ќе забележат значителни подобрувања во здравјето и продолжување на животниот век за повеќе месеци или години.

Како Кина дојде до овде? Во месеците пред говорот на премиерот, земјата го објави Националниот акционен план за квалитет на воздухот, кој бараше сите урбани области да ги намалат концентрациите на ситните честички кои загадуваат (ПМ 10) за најмалку 10 проценти или повеќе во некои градови. Областа во Пекинг беше обврзана да го намали загадувањето за 25 отсто, а градот одвои 120 милијарди долари за таа намена.

За да се постигнат овие цели, Кина ги забрани новите електрани на јаглен во најзагадените региони во земјата, вклучувајќи ја и областа Пекинг. На постоечките им беше кажано да ги намалат емисиите на гасови. Ако не успеваа, јагленот беше заменет со природен гас. Големите градови, вклучувајќи ги Пекинг, Шангај и Гуангжу, го ограничија бројот на автомобили на патиштата. Земјата, исто така, го намали својот капацитет за производство на железо и челик и ги затвори рудниците за јаглен.

Некои од акциите беа од агресивни до извонредни. На пример, Министерството за заштита на животната средина минатото лето објави планови за борба против загадувањето на 143 страници, кои вклучуваат отстранување на котлите за јаглен во многу домови и бизниси кои ги користат за греење во зима – иако замената не беше секаде достапна. Ова ги остави некои сопственици на куќи, фирми, па дури и студенти без греење оваа зима.

Во текот на изминатите неколку месеци, вестите почнаа да објавуваат дека напорот се исплател. Па, решив да копам подлабоко. Користејќи податоци од речиси 250 владини монитори низ целата земја, кои тесно се совпаѓаат со набљудувањата што ги одржува амбасадата на САД во Пекинг и низ целата земја, наидов на  големи подобрувања.

Иако повеќето региони ги надминаа своите цели, најнаселените градови ги имаа некои од надобрите резултати. Податоците од Пекинг за концентрациите на ситни честички се намалија за 35 проценти; Главниот град на провинцијата Хебеј, Шиџиаџуан ја намали својата концентрација за 39 отсто; Баодинг, најзагадениот град во Кина во 2015 година, ја намали својата концентрација на ситничестички во воздухот  за 38 проценти.

За да ги испитам ефектите врз животот на луѓето во Кина, користев две мои студии (повеќе овде и овде) за да ги пресметам концентрациите на ситни честички и нивниот ефект врз животниот век. Ова е истиот метод кој е во основата на Индексот за квалитет на воздухот, кој може да се истражи овде. Овие студии се базираат на податоци од Кина, така што тие не бараат поистоветување со САД или некоја друга земја со релативно ниски концентрации на загадување.

Резултатите покажуваат дека борбата против загадувањето на Кина веќе ги постави темелите за извонредни придобивки во животниот век. Применувајќи го овој метод за достапните податоци од 204 префектури, жителите на национално ниво би можеле да очекуваат да живеат 2.4 години подолго во просек, ако опаѓа опаѓањето на загадувањето на воздухот.

Околу 20 милиони жители во Пекинг ќе живеат околу 3,3 години подолго, додека оние во Шиџиаџуан ќе добијат 5,3 години, а во Баодин 4,5 години. Имено, моето истражување сугерира дека овие подобрувања во очекуваното траење на животот би ги доживеале луѓето од сите возрасти, а не само младите или старите.

За да се разбере и стави во контекст брзината на неодамнешниот напредок на Кина, корисно е да се навратиме на тешките нивоа на загадување во многу американски градови во 1950-тите и 1960-тите. Американскиот закон за чист воздух се смета дека создал големи намалувања на загадувањето на воздухот. За четири години по донесувањето во 1970 година, американското загадување на воздухот во просек се намали за 20 проценти. Меѓутоа, потребни беа десетина години и рецесијата во 1981-1982 година за САД да го постигне 32 – отстотното намалување што го постигна Кина за само четири години.

Се разбира, нивоата на загадување на воздухот и понатаму ги надминуваат сопствените стандарди на Кина и далеку ги надминуваат препораките на Светската здравствена организација на она што се смета за безбедно. Спроведувањето на мерките низ цела Кина во согласност со сопствените стандарди ќе ги зголеми просечните очекувања за живниот век за дополнителни 1,7 години (мерено во областите каде што има достапни податоци). Ако се постигнат построгите стандарди на Светската здравствена организација, ќе се добијат  4,1 година живот.

Без разлика дали кинеските граѓани ќе ги доживеат дополнителните подобрувања во квалитетот на воздухот,  па дури и да ги одржат постојните придобивки, се враќа рамнотежата помеѓу економскиот раст и квалитетот на животната средина. Предвремото исполнување на мерките за намалување на загадувањето на воздухот во Кина се постигнати преку инженериски стил кој диктира конкретни акции, наместо да се потпира на пазарите за да ги пронајде најевтините методи за намалување на загадувањето.

Тоа е пристап кој доаѓа со некои вистински трошоци – како тоа што многумина останаа без греење оваа зима.

Децении по донесувањето на Законот за чист воздух, американските креатори на политики употребија многу алатки за намалување на загадувањето, со прописите што се базираат на пазарниот систем и кои се покажаа како најекономични. Иако Кина експериментира со систем за ограничување на јаглерод диоксидот, се уште не се свртеле кон таквите политики за борба против конвенционалното загадување.

Тоа би било сосема нов пресврт, ако таканаречената комунистичка Кина на крајот ја победи војната против загадувањето со прифаќање на правилата на пазарниот систем, кои Соединетите Држави продолжуваат да ги користат повремено.

„Не е мој претседател“ – Кинески студенти низ светот протестираа против неограничениот мандат на Кси Џинпинг

$
0
0

Кинески студенти од универзитетите низ светот протестираа против зголемувањето на моќта на претседателот Кси Џинпинг со постери на кои е напишано „Не е мој претседател“ и „Не се согласувам“ на англиски и кинески јазик.

Во неделата, Народното собрание на Кина ги отстрани од уставот ограничувањата на претседателскиот мандат со огромно мнозинство гласови. Од вкупно 2.964 делегати само петмина гласаа против или беа воздржани.

Иако критиките за овој потег се под силна цензура во Пекинг, кинеските студенти на универзитетите од Западот го изразија своето несогласување од враќањето на Кина кон систем каде власта е концентрирана во еден човек, кој беше карактеристична за време на власта на комунистичкиот лидер Мао Це Тунг.

Последниве недели исти постери, насочени против Џинпинг, можеа да се забележат на повеќе универзитети во САД, Велика Британија, Нов Зеланд, Австралија, Холандија, Аргентина, Канада и Хонг Конг.

Постерите потекнуваат од кампањата на Твитер наречена „Кси не е мој претседател“, која официјално била покрената на 1-ви март од петмина кинески студенти и млади професионалци кои живеат надвор од родната држава, на три различни континенти.

Активистот и еден од основачите на групата, кој сакал да остане анонимен, за Њузвик изјавил дека целта на кампањата е подигање на свеста и охрабрување на младите Кинези да бидат повеќе политички ангажирани.

„Многу луѓе во Кина се обесхрабрени да го изразуваат своето негодување од политиката бидејќи таквите јавни настапи најчесто водат кон идни барикади при пазарот на труд и затворски казни без правен процес“, рекол тој за списанието.

Активистот објаснува дека кампањата нема да ја поништи одлуката на кинеските власти, туку повеќе треба да претставува заедничка платформа за оние кои можат да протестираат.

„Се чувствуваме морално приморани. Дома, во Кина, доколку изразите некакво несогласување, вашиот профил на социјалните мрежи ќе биде деактивиран, а релевантната дискусија ќе биде забранета, па повеќето луѓе стануваат цинични околу вклучување во таквите активности. Тоа е навистина штета, бидејќи изразувањето на критики е дел од достоинството. Сепак, слободниот говор е заштитен во западните држави, каде и нашата кампања има најголем ефект“, додал тој.

Постерите првично се појавиле на Калифорнискиот Универзитет во Сан Диего на 1-ви март, а потоа се појавиле и на универзитетите во Њујорк пред да започне светската кампања преку Твитер.

Денови на македонска музика од 22 март до 5 април

$
0
0

Од 22 март до 5 април ќе се одржуваат 41. Денови на македонска музика (ДММ) во организација на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).

Фестивалот, кој го промовира македонското музичко творештво, ќе биде отворен на 22 март со доделување на годишните награди на СОКОМ и концерт на Македонската филхармонија со солистите Александар Иванов (виолина) и Игор Иванов (кларинет), на кој ќе настапи и камерниот хор „Херувими“.

На програмата на годинашните ДММ се мултимедијалниот концерт на Иван Пенов, Дарија Андовска и Влатко Георгиев, концертот „Private Music“ на Кокан Димушевски, концертите на млади „Монохроматика“ и на ансамблот „Контемпора“, праизведба на операта „Помеѓу соништа и летови“ на Горан Начевски.

Гости оваа година ќе бидат Камерно трио од Албанија, клавирското дуо „Артворк“ од Германија и ансамблот „Меитар“ од Израел. Од Уметничкиот одбор на фестивалот наведуваат дека се работи за врвни музичари кои ќе го претстават својот избор од македонското и од актуелното музичко творештво од земјите од кои доаѓаат.

Пијано дуото од германскиот ансамбл „Артворк“ ќе настапи и во Струмица и Гевгелија затоа што, велат од Уметничкиот одбор на ДММ, една од најважните мисии на фестивалот е и образувањето нова публика.

Покрај концертна програма, на 41. Денови на македонска музика ќе има и предавање – „Моите дела со боја и звук“ на Ајал Адлер од Ерусалим, како и семинар за четирирачно пијано и клавирско дуо со гостите од ансамблот „Артворк“.

Заканата се дезинформациите, а не „лажните вести“, заклучува ескпертскиот извештај со препораки до ЕУ

$
0
0

Експертите и препорачаа на Европската Комисија да направи коалиција за борба против лажните вести и дезинформациите кои се шират на интернет, а онлајн платформите и социјалните мрежи да имаат поголема транспарентност и да се обврзат на „етички кодекс“, кој би требало да се изготви до јули.

Ова се дел од препораките на извештајот кој го подготви Високата експертска група ангажирана од Европската комисија кои даваат препораки за справување со дезинформациите кои се шират преку интернет.

Извештајот, кој вчера беше предаден на Еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, дава и дефиниции за феноменот, а се објави истовремено со резултатите на анкетата на Евробарометар која покажува дека 85% од граѓаните на ЕУ ги гледаат лажните вести како проблем во нивната држава, додека 83% гледаат на феноменот како генерален проблем на демократијата.

Од анкетата на Евробарометар за „лажните вести“ и дезинформациите

Коалицијата за борба против дезинформирањето треба да биде составена од луѓе од онлајн платформите, новинските организации, новинари и невладини организации, додека онлајн платформите треба да ја обезбедат транспарентноста преку објаснување како нивните алгоритми избираат кои вести се поважни од другите.

Извештајот наведува и дека е потребно да се замени терминот „лажни вести“ со „дезинформации“, посочувајќи дека намерно го избегнувале терминот „лажни вести“ бидејќи е несоодветен за да се долови комплексниот проблем на дезинформациите кои често вклучуваат измислени информации измешани со факти.

Мулти-димензионалниот пристап за справување со проблемот кој го препорачува Високата експертска група се заснова на пет главни столба:

  1. Подобрување на транспарентноста на онлајн вестите
  2. Промовирање на медиумска и информациска писменост за справување со дезинформациите и помош за корисниците за снаоѓање во дигиталното медиумско окружување.
  3. Развивање алатки за зајакнување на корисниците и новинарите за справување со дезинформациите.
  4. Зачувување на разновидноста и одржливоста на европскиот новински и медиумски екосистем.
  5. Промовирање на дополнителни истражувања за влијанијата на дезинформациите во Европа за да се процени ефикасноста на мерките кои ги преземаат различните вклучени страни.

Според испитувањето на јавното мислење на Евробарометар, во која биле анкетирани 26.000 граѓани од земјите членки на ЕУ, традиционалните медиуми, како радиото, телевизијата и печатените медиуми, сè уште се најдоверлив извор на вести, но помладите граѓани повеќе им веруваат на информациите кои ги добиваат на интернет.


ДИК и „Инклузива“ ќе соработуваат за успешни инклузивни избори

$
0
0

Зголемување на поддршката на граѓаните со попреченост во изборниот процес, остварување на нивните гласачки права, унапредување на работата на изборната администрација и успешно спроведување на инклузивни избори се приоритетите на Меморандумот за соработка кој денеска го потпишаа Државната изборна комисија (ДИК) и Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ .

За оваа цел од денеска започнува тридневна работилница за вработените во ДИК преку која учесниците ќе се стекнат со вештини за испорачување на обуки за лица со попреченост. По комплетирањето на оваа активност, ќе следат регионални работилници за претставници од општинските изборни комисии, кои ќе се реализираат во текот на април и мај годинава.

„Во Македонија недостигаат многу работи за да се каже дека изборниот процес е инклузивен, од физичка пристапноста на гласачки места, материјалите за едукација се недостапни за овие лица, како и самите материјали на гласачкото место. Се треба да претрпи корекција“, изјави Благица Димитровска, претседателката на „Инклузива“.

„Инклузива“ и ДИК, заедно со повеќе други организации, минатата година го спроведоа и проектот за увид и проценка на пристапноста на гласачките места за лицата со попреченост во Република Македонија, со што се доби прецизна слика за состојбата со пристапноста на гласачките места.

По овој проект следеше и изготвување на шаблони за гласање на Брајово писмо, наменети за гласачите со попречен вид.

 

Се сруши карпа врз пат и пруга кај Велес, граѓаните лути

$
0
0

Голем одрон на карпи утрово на регионалниот пат Велес – Градско, го запре патничкиот и железничкиот сообраќај.

Во одронетите карпи удрила и машината за одржување на железничката пруга од „Македонски железници Инфраструктура“. Нема загинати во несреќата.

Граѓани реагираа на социјалните мрежи лути на неодговорноста на институциите за безбедноста на патот.

Одронот на карпата се случил утрово околу 8.30 часот. Сообраќајот останува во прекин.

Макрадули: Следната недела ќе профункционира новиот филтер на „Дрисла“

$
0
0

На 19 март ќе почне со работа новиот филтер во депонијата „Дрисла“, соопшти заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

Непосредно пред конференција на Асоцијацијата за управување на посебни текови на отпад, Макрадули изјави дека имаат определено и локација за регионална депонија во Североисточниот регион, како и дека консултантите посочиле локација и за регионалната депонија во Југозападниот регион.

Тој апелираше до општините кои проблемот со отпадот сега го решаваат со диви депонии, да не даваат отпор за изградба на регионалните депонии, туку да ги фатат европските текови и на современ начин да почнат да го менаџираат отпадот. Во Македонија е се проценува дека има меѓу 66 и 88 илегални депонии.

Единствена депонија која работи по стандарди во земјава е „Дрисла“ во Скопје, но поради инсенераторот -направата во која се гори медицински отпад, депонијата зимава заработи казна од 8.500 евра и обврска до средината на февруари да вгради соодветни филтри.

 

Поддршка од ОБСЕ за развивање платформа за подобро справување со миграциските прашања

$
0
0

Развивањето платформа за директна координација и комуникација помеѓу органите на прогонот и сите инволвирани владини институции е клучно за подобро справување со потенцијалните кризни ситуации со миграцијата, изјавија учесниците на тркалезната маса, поддржана од Мисијата на ОБСЕ, којашто се одржа денес во Скопје.

На дискусијата присуствуваа околу 35 претставници на државни институции, национални агенции, меѓународни организации и невладини организации кои изнесоа препораки за детален План за вонредни состојби во областа на миграцијата.

„Ќе продолжиме да ѝ помагаме на земјата да се подготви за евентуални миграциски кризи, помагајќи им на националните власти во развивањето на национален план заснован на најдобрите меѓународни практики и насоки“, рече Марија де Бенито Родригез, советник за мигранти и безбедност на бегалци при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи, рече: „Миграцијата се провлекува низ годините и миграциската криза која произлегува од таквите движења покажа дека навистина е тешко, речиси невозможно, да се пронајде унифициран и стандардизиран одговор на сите миграциски текови, бидејќи секое движење на луѓе и секоја евентуална криза е специфична и карактеристична по различни елементи и предизвици својствени токму за таа криза.“

„Особено ми е драго што Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја организира оваа тркалезна маса каде што сите може да разговараме и да развиеме подобар и посеопфатен План за вонредни состојби во областа на миграцијата, врз основа на искуството стекнато во текот на годините.“

„Успешното справување со миграциската криза, кое беше потврдено од неколку меѓународни извештаи, не би било можно без голема донаторска помош,“ рече Елена Грозданова, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика. „Секако, за повеќе од милион луѓе кои поминаа преку земјата, може да заклучиме денес дека заштитата и хуманитарната поддршка кои им беа понудени беа на задоволително ниво.“

Денешната дискусија е дел од активностите на Мисијата за промовирање на пристапот заснован на жртвата и човековите права кон справување со предизвиците кои ги носат миграциските текови.

[Став] Шверцувањето на двојазичноста и „џебното вето“ на Претседателот

$
0
0

Ако се држиме само до правните аспекти на носењето на Законот за употреба на јазиците, недозволиво и правно невозможно е со т.н. обичен закон да се уредува правна материја за чие регулирање e потребно минимум квалификувано мнозинство гласови по сила на устав, претседателот на Собранието има само два избора: или пратениците ќе мора да ги разгледуваат 35.000 амандмани или законот ќе мора да падне во заборав, додека пак претседателот на државата ќе има право да се повика на т.н. џебно вето.

Повод за овој блог е најавата на некои челници на ДУИ, вклучително и на актуелниот претседател на Собранието на РМ – Талат Џафери, дека намерава, дрско и противуставно, да ја прекрши легислативната постапка за носење на непопуларниот иритирачки Закон за употреба на јазиците и истиот да биде донесен „на мускули“ – на еден доста силеџиски, итромански и досега невиден начин – заобиколувајќи ја расправата за опозициските амандмани. Затоа, во продолжение, ќе се обидеме да ги оставиме на страна политичките реперкусии на овој контроверзен закон, држејќи се притоа само до правните аспекти на неговото носење…

Законот за јазиците е типичен пример за „тиранија на малцинството“

Најпрво, околу самиот пежоративно наречен „Закон за двојазичност“. Стручната и длабинска анализа на законскиот текст покажува дека е пишуван од прилично слаби правници, без елементарно номотехничко знаење. Тој е неконзистентен правен пропис кој буквално меша „баби и жаби“, па логично е што изобилува со толку многу противуставни одредби, при што самото нивно набројување би ни одзело простор колку за една магистерска теза

Но, сепак, за илустрација на лаичката јавност, би елаборирале само една флагрантна поврeда на основните правни принципи и фунадаментални начела кои ги содржи овој небулозен закон „со срцева мана“. Имено, во правото ниту се видело, ниту се чуло со обичен закон да менувате системски/органски закони! Членовите од предметниов Закон кои се однесуваат на функционалното процесно право, односно на судските постапки, се противуставни par excellence, затоа што во чл. 98, поточно во првата точка на Амандманот XXV (2005) на Уставот на РМ, изрично и со императивна и безрезервна правна норма се вели дека: „Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“ (квалификуван правен режим на ius cogens)! Според ова, argumentum a fortiori, недозволиво и правно невозможно е со т.н. обичен закон – кој de iure и de facto може да се донесе со релативно мнозинство гласови, односно со најмалку 40 пратеници – да се уредува правна материја за чие регулирање e потребно минимум квалификувано мнозинство гласови, односно најмалку 80 пратеници по сила на устав (ex constitutionis)! За другите, над дваесетина, противуставни одредби содржани во овој закон, со оглед на расположливиот простор, ќе пишуваме во некоја следна прилика.

Амандманите мора да се разгледуваат или законот да падне во заборав

Во поглед на прашањето за (не)разгледување на опозициските амандмани, кои патем речено се уредно и благовремено поднесени и архивирани, пречистениот текст на Деловникот на Собранието на РМ (2013) е сосема јасен: „По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката“ [чл. 173, ст.3]! Ова, во случајов е целосно испочитувано – бидејќи амандманите на опозициската ДПМНЕ се стратешки добро осмислени и тактички поднесени токму во врска со деветнаесетте законски члена на кои, претходно, претседателот веќе даде писмени забелешки [особено за чл. 1-14, чл. 16-17 и чл. 22-24].

Впрочем, иако станува збор за рекорден број амандмани – околу 35.000, слично како и 15.500 амандмани на ДУИ поднесени за т.н. Закон за бранители (2012) кој никогаш и не се донесе – претседателот на Собранието има само два правно издржани легислативни избора: (1) или тие ќе мора да се разгледуваат – што реално би значело парализа на работата на Собранието во догледен период од најмалку шест-седум месеци; или, пак, (2) законот ќе мора да падне во заборав – односно да биде „избришан од сеќавањето на народот“ (damnatio memoriae) и оваа негова нацрт-верзија никогаш повеќе да не се стави на дневен ред на пленарна собраниска седница!

Вторава опција се чини поисправна, затоа што Собранието in concreto падна во задоцнување, бидејќи веќе е пробиен максималниот рок од триесет дена во кој владејачкото мнозинство имаше процедурално право да го преразгледа вратениот закон од страна на шефот на државата: „Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето“ [чл. 173, ст.2 од Деловникот]! Бидејќи законот е донесен на 11 јануари 2018, триесетдневниот рок – согласно општоважечките правила за сметање на времето (т.н. цивилна компутација на рокови) – истече на ден 11 февруари 2018, до кога законот требаше и мораше повторно да се усвои со апсолутно мнозинство гласови. За разлика од другите прескриптивни рокови, кога станува збор за ваков законски, незапирлив, објективен, непроменлив, позитивен, перемпторен и преклузивен рок (етимолошки доаѓа од латинското praecludо = „заклучува/затвора“), базична одлика е тоа што неговото непочитување има екстинктивна, т.е. погасувачка правна природа – односно се губи и самото право кое што е орочено: во случајов, тоа е правото на Собранието повторно да го донесе истиот ветиран закон во неизменета форма!

Претседателот може да употреби и т.н. џебно вето

Интересен е фактот дека правото на вето на шефот на државата е регулирано во уставниот оддел посветен на Собранието на РМ [член 75], а не како што би се очекувало во одделот посветен на Претседателот на РМ – што несомнено ја потврдува констатацијата дека ветото има легислативна функција и е дел од законодавната постапка. Со други зборови, промулгацијата (лат. promulgatio = „обнародување“, т.е. потпишување на указот за прогласување на законот) претставува претфинален чин при донесувањето на законите, кој ѝ претходи на „публикацијата“ (publicatio), односно на конечното обзнанување/објавување на законот во Службен весник. Или, поинаку кажано, ако нема указ – нема ни закон! Оти законот се смета за дефинитивно донесен единствено кога претседателот на Републиката, своерачно, ќе го потпише указот за негово прогласување. Тогаш и само тогаш, конкретниот закон, кој претходно бил изгласан, може да биде објавен, а подоцна и да влезе во сила (urbi et orbi). Значи, без указот – кој, всушност, има конститутивно дејство на пораѓање на законот – законот сè уште го нема: тој не постои и, следствено, не ни може да произведе никакво правно дејство.

Во досегашната уставно-правна историја на независна Македонија, не постои ниту еден единствен случај закон да биде објавен и да почне да се применува без потпис од шефот на државата! Досегашните четворица претседатели на Републиката го употребувале правото на суспензивно ветово повеќе ситуации:

(а) првиот претседател Киро Глигоров, во првиот свој мандат го нема употребено правото на вето; додека, пак, во текот на неговиот втор мандат го има употребено вкупно четири пати [два пати во 1997 и по еднаш во 1998 и во 1999 год.];

(б) вториот претседател Борис Трајковски, за време на својот мандат, правото на вето го има употребено вкупно шест пати [еднаш во 2001 и пет пати во 2003 год.];

(в) третиот претседател Бранко Црвенковски е рекордер во користењето на ова право, бидејќи во единствениот свој мандат го има употребено дури десет пати [еднаш во 2005, два пати во 2006 и седум пати во 2008 год.]! Да потсетиме дека претседателот Црвенковски стави вето на претходниот Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Македонија и во единиците на локалната самоуправа (4.08.2008) – кој беше далеку побениген и понеопасен во споредба со овој најнов октроиран лингвистички закон; и, конечно,

(г) последниот, четврти македонски претседател Ѓорѓе Иванов беше единствениот кој во своите два мандата воопшто го немаше употребено ова негово уставно право, а да не беше спорниов Закон за јазици [2018] прашање е дали воопшто и ќе го употребеше.

Во еден хипотетички случај на владина инструментализација на Собранието на РМ и носење на Законот за јазиците „прекутрупа“, односно со флагрантно кршење на процедурата, претседателот на Републиката – поставувајќи се како своевиден „татко на нацијата“ и чувар на институционалниот баланс меѓу централните органи на власта – ќе има право да се повика на досегашните уставноправни преседани на употреба на она што, во конституционата теорија, е познато под називот џебно вето или т.н. „вето во фиока“.

Имено, за разлика од суспензивното вето – кое само привремено ја одолговлекува законодавната постапка – џебното вето, употребено во крајна нужда, може целосно да го блокира донесувањето на законот и de facto да го закочи законодавниот процес! Тоа е можна ситуација во мешовитите парламентарни системи, каков што е и нашиот, кога Претседателот, како инокосен извршен орган чиј легитимитет – исто како и оној на Собранието – е добиен на непосредни избори и извира директно од народот, ќе одлучи и по втор пат да не го потпише указот за законот, иако на тоа го обврзува Уставот [чл. 75, ст.3]. Впрочем, ако ги споредиме апсолутните бројки, ќе видиме дека легитимитетот на актуелниов претседател е дури и поголем од оној на моменталната владејачка коалиција: 534.919 избирачи кои гласале за Иванов, наспроти 436.981 освоени гласови на СДСМ и 86.796 гласови на ДУИ.

Општествениот интерес е секогаш пред партискиот

Да појасниме: во случајов на нашиот Устав на РМ (1991), станува збор за она што, уште од Римското право, во јуристичката теорија е познато како т.н. несовршен закон (lex imperfecta), односно правна норма која: прво – не содржи никаква санкција во случај на непочитување на оваа уставна должност; и второ – нема предвидено никаков прецизен уставен рок во кој претседателот е должен да го потпише законот со кој не се согласува.

За разлика од суспензивното вето ставено по прв пат, кога претседателот вообичаено го известува Собранието за причините поради кои не го потпишува указот – иако на тоа не е изрично обврзан; во случајот на џебното вето, ставено по втор пат на еден ист закон, претседателот вообичаено молчи и на тој начин „молчејќи зборува“, односно го чува законот во фиока и тој не може воопшто да се објави. Ова свесно кршење на Уставот има своја јуснатуралистичка, односно природно-правна позадина и се оправдува со постигнување на некоја благородна и повозвишена цел – заштита на поширокиот општествен интерес (utilitas publica). Тука, всушност, претседателот ризикува да биде прозван со импичмент, т.е. повикан на одговорност за кршење на уставот и законите [по чл. 87 од УРМ], но истовремено – дури и по цена да ја изгуби функцијата – етички доследно сака да ја алармира јавноста за непропорционалноста и штетноста од донесувањето на конкретниот закон. Гледано компаративно-правно, во суштина, станува збор за вистинско витештво во борбата за добри и уставни закони и за маневар кон анимирање на јавноста, со цел вршење притисок врз законодавецот – тој, во иднина, да не се однесува арбитрарно, неодговорно и противуставно.

Оваа наша уставна празнина досега беше [зло]употребена во два наврата: прв пат во 1997 – кога претседателот Глигоров одби да го потпише Законот за кривична постапка, иако истиот се носи со двотретинско мнозинство гласови; и втор пат во 2001 – кога претседателот Трајковски два пати одби да го потпише неморалниот и екстремно привилегирачки Закон за пратеници, кој потоа не влезе во сила! Оттука, бидејќи веќе има воспоставено прецедентно право (англ. Case law) за оваа сложена уставнoправна материја, не би постоеле правни пречки таа – во конкретиов случај на противуставниот Закон за употреба на јазиците – in flagrante да може да се употреби и по трет пат, особено што тоа ќе биде во име на јавната полза и заштита на општиот интерес на граѓаните и на АСНОМскиот и унитарен карактер на Републиката.

доц. д-р Димитар Апасиев 

*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.

Viewing all 38486 articles
Browse latest View live
<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>