Quantcast
Channel: Радио МОФ
Viewing all 37908 articles
Browse latest View live

Катарзина Прускиевич, новинарката инфилтратор во фарма на тролови е говорник на ENGAGE 2020

$
0
0

Како изгледа еден Твитер трол? Иако сме сигурни дека многумина од вас имаат слична слика во глава, сепак сакаме да го срушиме стереотипот.

Катарзина Прускиевич е 23-годишна новинарка, која лани помина шест месеци спамирајќи дезинформативна политичка содржина од лажни Твитер профили. Доста популарна активност деновиве, нели?

Како дел од Фондацијата на известувачи (конзорциум на полски истражувачки новинари), Катарзина се инфилтрираше во самонаречена „е-ПР фирма“ во Вроцлав. Додека работела прикриено, Катарзина доби редов увид за тоа како се користат лажни профили на социјалните медиуми од приватни фирми, за да влијаат на гласачи и корисници.

Новинарката Прускиевич e дел од говорниците на ENGAGE 2020 што ќе се одржи на 22 февруари со почеток во 12 часот во МКЦ, Скопје. Таа ќе зборува на темата „Ифилтрирање во фарма на тролови како прикриен известувач, искуството и цели“.

По барање на новинарката, нејзиниот говор на „ENGAGE“ нема да се стрима, бидејќи таа се уште истражува и „лови“ слични случаи.

Инаку, деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи домашни и странски активисти-говорници на разни теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Листата на говорници сѐ уште не е затворена. Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 300 пријавени учесници за конференцијата.

За да ја проследите конференцијата, може да се регистрирате тука.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.


[Инфографик] За 2 години – 0 изнајмени велосипеди и 0 денари заработка за „Градски паркинг“

$
0
0

И покрај тоа што Градот Скопје има поставено цел до 2021 година дури 5 отсто од вкупниот број на патувања на граѓаните да бидат со велосипеди, во реалноста бројките покажуваат дека јавниот систем за изнајмување велосипеди не функционира веќе две години, пишува Мета. Остварените приходи на ЈП „Градски паркинг“ од изнајмување велосипеди во 2018 и 2019 година изнесувале 0 денари, а системот „Скопје изнајми велосипед“ едвај функционирал и во годините пред тоа. Во главниот град во моментов единствено се активни приватни иницијативи за изнајмување велосипеди, кои се ограничени на мал број пунктови и не се интегрирани со јавниот превоз.

Градот Скопје минатото лето се одлучи системот за изнајмување велосипеди да им го префрли на ЈСП – Скопје, за интегрирање на велосипедите за изнајмување во скопскиот јавен превоз. Идејата на градските власти беше да се изведат 30 пунктови за автоматско изнајмување велосипеди во Скопје, кои би можеле да се користат преку плаќање со кредитна картичка или СМС порака.

Систем за изнајмување велосипеди – Идеи има, но дали ќе допрат до Град Скопје?

По пожарите во Австралија – 113 животински видови „имаат потреба од итна помош“

$
0
0

Австралија идентификуваше 113 животински видови на кои ќе им треба „итна помош“ откако нивниот број, но и живеалиштата, беа сериозно погодени од неодамнешните пожари.

Она што е добро, велат од владата, е што истражувањата покажале дека нема изумирање на видовите.  Но, скоро сите видови од списокот изгубиле најмалку 30% од своите живеалиша во пожарите во Австралија.

Коалите и еден вид кендури, но и повеќе видови птици, риби и жаби се меѓу оние на кои им е потребна најголема помош, велат експертите.

Истражувачите претходно процениле дека е можно повеќе од 1 милијарда животни да загинат во пожарите, во кои изгореа големи површини шума и пасишта.

Од дизајн и фотографија, до проза и код –Креативен муабет со Александра Христов

$
0
0

Александра Христов е креативна личност со бројни улоги и вештини – од цртање, дизајн и фотографија, до пишување проза, код и активности со деца.

Таа ќе гостува на третото издание на Creative Talks – серијалот настани во кои се зборува исклучиво за креативност.

Целта на овие настани е да започнеме дискусија која понатаму ќе вроди со акција. Заеднички преку споделување на идеи и дискутирање за креативноста да го поттикнеме растот и развојот на нашата креативна заедница.

Протест против насилниците од ЈСП утре во Автокоманда

$
0
0

Утре, пред седиштето на Јавно сообраќајно претпријатие во Автокоманда е најавен протест со кој се бара запирање на насилството од страна на контролорите на ЈСП Скопје. Протестот се организира неколку дена по случајот со студентот Сирхан Усеин, кој јавно обвини дека бил нападнат од двајца контролори иако имал валиден студентски билет додека се возел во градски автобус.

Студентот Сирхан Усеин обвинува контролори на ЈСП за дискриминација – Насилнички ме симнаа од градски автобус

Со протестот се бара отпуштање на двајцата контролори кои го нападнале Усеин, зголемена внатрешна контрола и вработувања на Роми контролори. Најавен е во 16:30 часот.

„Уште колку студенти, студентки, млади, стари, возрасни и останати се почувствуваа загрозени, понижени и омаловажени поради насилното однесување на контролорите на ЈСП? Доста е веќе дискриминација, доста е од силеџии, доста е од сексуални навреди и напади, доста живееме ограничено. Институциите секогаш се оградуваат од дискриминацијата и дека тоа кај нив не постои, а сведоштвата на граѓаните сепак не велат така и тие секојдневно живеат во страв.

Доста е! Придружете ни се на овој протест, денес Сирхан е жртва, утре ќе бидеш ти ако не се бориме денес. Ајде да му покажеме на ЈСП дека за омразата и стравот нема повеќе место во оваа држава“, стои во најавата за протестот на ФБ, организиран од Усеин.

Објавен јавен повик за изградба на соларна електрична централа во Осломеј

$
0
0

Електрани на Северна Македонија – ЕСМ рапиша јавен повик за изградба на 100 мегаватна фотонапонска електрана во кругот на РЕК Осломеј во Кичево, која ќе испорачува електрична енергија за 2000 домаќинства во текот на втората половина од годинава.

Ова денеска го соопштија директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, премиерот Оливер Спасовски и министерот за економија Крешник Бектеши.

Јавниот повик е распишан вчера и ќе трае до 8 мај, а инвестицијата, замислена како две електрани од по 50 мегавати, ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство во која АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер.

Според огласот, електраните ќе треба да ги гради приватниот партнер, а ЕСМ ќе ја обезбеди локацијата, пристапни патишта до електраните и балансирањето на енергијата. За возврат, приватниот инвеститор ќе му исплаќа на ЕСМ годишно сума во висина од 10% од продадената електрична енергија по продажна цена според регионалната берза Хупекс.

Според проценките, изградбата на електраните ќе чини до 80 милиони евра.

„Договорот за јавно приватно партнерство би бил во траење од 35 години, по што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на  фотонапонските електрани и да му ги предаде во фактичко владение на јавниот партнер – АД ЕСМ, во исправна оперативна и погонска состојба“, истакна Ковачевски.

Право на учество на огласот имаат сите домашни и странски компании, а на тендерот ќе победи понудувачот кој на ЕСМ ќе му понуди највисок процент од продадената струја за балансирање на енергијата.

Според Ковачевски, нивната заработка како компанија на годишно ниво би се движела од 800.000 до еден милион евра, а само осум проценти од овие средства ќе бидат трошок  за балансирањето. Како дел од договорот, новото друштво ќе треба да преземе и најмалку 100 вработени од РЕК Осломеј.

Директорот на ЕСМ најави дека се во подготовка на уште неколку капацитети од обновливи извори на енергија како што се Чебрен, фотволтаици во Осломеј и Битола, дополнување на ветерниот парк во Богаданци и нов ветеренпарк во Миравци.

Македонските научнички се застапени во институциите, но не и на раководни функции

$
0
0

Македонските научнички се застапени во науката, но не и на одлучувачки функции. Најголем проблем за нив останува немањето на млад кадар и вложувањето во науката.  Ова денеска го истакнаа на вториот по ред Глобален женски појадок кој се одржа на Институтот по хемија во Скопје по повод Интернационалниот ден на жените во науката.

Според професорката Марина Стојановска, проблемот е што жените се ретко застапени на раководни функции.

„Имаме повеќе жени во Институтот за хемија конкретно, а имаме и повеќе студентки отколку студенти, меѓутоа кога станува збор за раководни функции, некако ми се чини дека не само во високообразовните институции, туку генерално и во компаниите, повеќето се мажи“, вели Стојановска.

Таа за Радио МОФ додава дека жените имаат еднакви можности, но сепак постојат работите кои жената ги носи сосебе, вклучувајќи го и мајчинството.

На настанот кратко обраќање до присутните имаше и раководителката на Институот по хемија, професорката Марина Стефова.

„Идејата за овој глобален женски појадок е многу широка. Се промовира родовата еднаквост, но ние сме свесни дека во нашата професија таков проблем немаме, но тука сме да се поттикнеме едни со други во преземање на позначајни чекори во нашето општество кои ќе ни помогнат заедно да одиме напред“, изјави во своето обраќање раководителката Стефова.

Стојановска за Радио МОФ го нагласи и проблемот со кои се соочуваат сите научници во државата. Според неа,  на образованието и науката не им се посветува големо внимание и овие сфери се наоѓаат на маргините.

„Институтот за хемија и Природно-математичкиот факултет има недостаток на кадар. Тоа значи дека голем број од нашите професори кои се пензионираат, оставаат празни работни места кои не се пополнуваат. Зборувам за асистенти и доценти. Ние сме доведени во една многу тешка ситуација каде буквално нема кој да ги држи лабораториските вежби. Ангажираме демонстратори, но тоа не е доволно бидејќи тие се ангажираат на одредено време, а на нас ни треба научник и истражувач кој би го заменил професорот. Тој млад кадар кој би се примил потребно е многу време додека се обликува“, вели таа.

Стојановска вели дека се правеле напори за нови вработувања кои досега требало да се остварат, но не се оствариле. Освен нови кадри, на Институтот потребно му е осовременување за да биде во тек со научниот прогрес.

„Потребно е реновирање, влезете во лабораториите, потребно е нивно тековно одржување и осовременување. Тоа не важи само за овој конкретен факултет, туку и за сите училишта во Македонија. Нашите ученици ќе бидат движечката сила во иднината, а немаат никакви услови за изучување на природните науки. Потребни се таблици на периодниот систем, потребни ни се модели и лабораториски прибор за да изведуваме експерименти, ни треба и лабораторија“, концизна е таа.

Говорничките со дел од присутните на Глобалниот женски појадок

На настанот присуствуваа Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија, како и претставници од Фондот за иновации и технолошки развој кои презентираа дел од своите проекти посветени на образованието.

„Женското лидерство во науката е нешто што му е неопходно на ова општество. Хемичарките го трасирале патот и биле своевидни пионерки, па треба да ги следиме нивните примери, како оној на Марија Склодовска – Кири. Да не го заборавиме нејзиниот пример кој треба да мотивација во нашите професионални и лични животи. Знам колку е тешко кога сте мајка да најдете енергија и да се посветите на науката и професијата. Сѐ уште треба да се работи на целосна родова еднаквост во политиката, бизнисот и науката, но за жал и во нашите размислувања, нашиот менталитет, нашата култура на живеење. Затоа мора сѐ уште да се бориме за потполна еднаквост, рамноправност институционално, но и во нашата средина, при воспитувањето на нашите деца“, истакна Ѓоргиевска.

Глобален женски појадок се организира со цел да се поттикнат жените во технологијата и природните науки да учествуваат во креирање на заеднички проекти. Тој годинава се оддржа под мотото „Building bonds to create future leaders“ (Градење релации за да се создадат идните лидери).

Ивана Смилевска

 

[Инфографик] Кои се двајцата кандидати за студентски лидер на УКИМ и што предлагаат во програмите?

$
0
0

Студентите Борјан Ефтимов од Правниот факултет и Александар Ѓорѓиевски од ФИНКИ се во трка за иден студентски лидер на Универзитот „Св. Кирил и Методиј“. Изборите ќе се одржат денеска од 17 часот во главната сала на Ректоратот при УКИМ. Радио МОФ визуелно прикажа дел од точките кои тие ги предлагаат во своите програми за работа.

Во продолжение, прочитајте за атмосферата од синоќешната јавна дебата помеѓу кандидатите:

Поголем буџет, дигитализација на факултетите… што предлагаат кандидатите за студентски лидер на УКИМ


O2 Иницијатива: За 2020 не е планирана промена на греењето во редица установи и претпријатија

$
0
0

За 2020 не е планирана гасификација/промена на начиниот на греење во редица здравствени и образовни установи, јавни претпријатија, како на пример во Институтот по белодробни заболувања кај децата во Козле, Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Капиштец,Болницата за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров, Психијатриската болница во Бардовци, средните училишта во Ѓорче Петров и Шуто Оризари, за ЈП „Македонија пат”- Скопје, ЈСП…“, реагираат од од О2 Иницијатива.

Еко-активистите велат дека Министерството за здравство во 2020 планира единствено гасен приклучок и гасна котлара за општата болница Куманово, проект што требаше да е готов во 2019.

„Но, болницата си испланирала набавка на мазут во септември, очигледно поучена од минатогодишните ветувања, останати без реализација“, велат од О2 Иницијатива.

Според еко-активистите, прелажувања и оваа година нема да поминат.

„Фалбите за процесот на гасификација не престануваат, Скопје има гас веќе 22 години, ама болниците и другите установи во Скопје си остануваат на мазут и нафта. Недозволиво! После сите ветувања за промена на начинот на греење“, се вели во реакцијата на О2 Иницијатива, кои објавија и документи.

Алексовска: Не смееме да дозволиме заради бирократија, пациентите да завршуваат без лекови, а семејствата без надеж

$
0
0

Далечната 1991 година, Весна Алексовска, која тогаш имала само 7 години дознава дека ја има Болеста на Гоше. Модрици по телото, слабокрвност, низок хемоглобин биле само неколкуте симптоми кои ја наговестувале оваа ретка болест, за која терапијата чини стотици илјади евра, а информации скоро и да немало. Деновите поминувале, а таа помислувала дека е сама во оваа борба. Се до 2009 година, кога на една регионална средба сретнала луѓе кои ја имаат истата болест. Истата година го формира Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“. Веќе во 2010 година за пациентите со Гоше биле обезбедна донација за лекови, во 2015 година државата ја покрила инфузионата терапија, а од лани е достапна е и оралната терапија.

Во февруари, месецот посветен на пациентите со ретки болести, со Алексовска разговаравме за проблемите со кои се соочуваат овие лица, но и за кампањата „Ги запознаваме ретките болести“ чија цел темата да се доближи до јавноста.

„’Ги запознаваме ретките болести’ е кампања која постои поради Гордана Лолеска, таа е наш член и исто мајка на дете со Алпорт синдром, болест за која сѐ уште нема лек. Но, тоа не ја спречува Гордана секогаш да измислува нови активности и да спроведува подигнување на јавната свест“, вели Алексовска.

Гордана Лолеска (лево) и Весна Алексовска (Фото: „Живот со предизвици“)

Кампањата се спроведува втора година, а е работена со многу доктори и волонтери. Годинава, материјалите ги има на знаковен јазик, а се преведени и на албански, за потоа да бидат испратени во Албанија и Косово.

„Како нас што ни помагаше Бугарија за да бидеме посилно здружение, така и ние помагаме на Албанија и Косово, и секогаш соработуваме со нашите соседи, за да направиме повеќе за нашите пациенти и родители кои се соочуваат со вакви ретки болести“, посочи Алексовска.

Соработката со институциите мора да биде постојана, како што вели Алексовска, без разлика кој е на власт или кој партија работи, или не работи.

„Ние сме секогаш таму, се менуваат министрите, ама ние остануваме, затоа што нас ни се потребни вистински решенија“, вели Алексовска.

Со сегашниот министер успеале да воведат нови лекови, да внесат нови пациенти во регистарот, а дополнително Програмата за ретки болести да добие повеќе пари за набавка на лекови. Покрај програмата, Националната алијанса за ретки болести работела на стратегија која очекуваат да биде усвоена од Владата.

„Стратегијата ќе ни помогне да имаме посигурна иднина, затоа што друго е кога преговараме за се и сешто, а друго е кога имаш некој документ според кој си течат работите на некој начин. Се надевам дека тоа ќе биде усвоено и дека ќе имаме една минимална сигурност како пациенти“, објаснува Алексовска.

 

Тендерите за лекови не се исти како тендерите за тоалетна хартија и канцелариски столици

Изминатите години во државава се јавија повеќе проблеми со тендерските набавки за лековите за лицата со ретки болести. Според Алексовска тоа сѐ уште не е променето, а надлежните за јавните набавки и тендерите немаат слух.

„Како пациенти, како здружение имавме одреден број на предлози со цел да се направи нешто поинаку, за да не бидат врзани тендерите за лекови со тендерите за тоалетна хартија и канцелариски столици, затоа што не е исто. Лековите се нешто кое те одржува во живот и кое ти спасува живот, и сметаме дека не може тендерите да бидат исти и за лековите“, потенцираше Алексовска.

Годинава сѐ уште не е објавен тендерот за лекови за лицата со ретки болести, а во меѓувреме има и нови пациенти, со нови болести за кои се потребни лекови.

„Она што се случуваше во минатите години е ако некој добие дијагноза во јануари, а тендерот излезе во февруари, тој пациент треба да го чека другиот тендер наредна година, за дури во септември да добие лекови. Јас се плашам дека доколку чекаме до септември повторно ќе имаме влошени здравствени состојби, ќе има симптоми кои нема да можат да се вратат назад, значи ќе прогресираат. Прогресивни се овие болест и доживотни, а од друга страна има и смртни случаи затоа што не стигнал на време да ги прими лековите, и тоа не е во ред“, објаснува Алексовска.

Итна набавка на лекови, алармира, е потребна за девојче со тироцинемија, кое до крај на март ќе нема лекови. Додава дека слична е ситуацијата за две деца болни од Моркија, за кои ќе снема лекови за два месеци подоцна, во мај.

„Што значи тие не можат да чекаат до септември, октомври кога ќе заврши тендерот кој уште не е отворен. Мора да се најде решение за овие работи. Не смее да дозволиме заради администрација и бирократија, пациентите да завршуваат без лекови, а семејствата без надеж“, потенцира Алексовска.

„Има пациенти кои се соочуваат со стигматизација и маргинализација затоа што се болни“

Физички, болеста на Алексовска не се гледа, па кога ќе споменела дека има ретка болест, луѓето ја гледале чудно, па си викале „ајде, сега измислуваш, нема шанси“. Но, вели дека има пациенти кои вистински се соочуваат со стигматизација и маргинализација затоа што се болни.

Сѐ уште, додава, се мачат со другите здруженија кои се занимаваат со инвалидитет, за институциите и здравствените установи да постанат пристапни, а тука не ги исклучува ни образовните институции кои исто така се не пристапни за луѓе кои се соочуваат со физичка или психичка нефункционалност.

„Се сеќавам кога бев во Зарагоза на една конференција во Шпанија и едно време со колегите се гледаме, ‘абе знаеш овде има многу луѓе со колички, штаки кои се шетаат на сите страни, да не ги ставаат од Шпанија сите тука’. Ама, не е така, тоа е така затоа што таму беше ужасно пристапно. Дури имаше и места кои беа попристапни за инвалиди отколку за другите луѓе, затоа што така треба да биде“, вели Алексовска.

Посочува дека тие лица во нашата држава седат дома, затоа што не можат да излезат надвор и да се движат самостојно и независно, а потребно е да имаат предност, во сообраќајот, при влез некаде и слично.

„Мора да се зависни од некој друг што ќе ги носи каде што сакаат, а тоа не е фер, затоа што секој заслужува да си биде независен, и секој заслужува да си биде независен и да има ‘најнормален живот’ што можат да си го приуштат на некој начин“, додава Алексовска.

Со кампањите, таа смета дека направено е многу за стигматизацијата да се тргне и да се охрабрат пациентите.

Од минатата година постои и бесплатна психолошка помош за пациентите, но и за семејствата, бидејќи товарот, како што вели Алексовска, не е само врз пациентот туку врз целото семејство.

„Од она што го увидовме минатата година, од 50 луѓе што отидоа на психолог, што ја искористија оваа можност, коментарите што ги добивме е дека е многу убаво кога имаш со некој да разговараш што не е на клиника, многу битен момент, затоа што им е смачено на луѓето да одат на клиника, да чекаат и да ги гледаат сите“, објаснува Алексовска.

Ваквата помош е многу важна, додава таа, затоа што виделе семејства кои се распаѓаат и разведуваат поради болест, велејќи дека убаво е да се промени тоа на некој начин.

Регистарот брои 520 лица, но бројката на лица со ретки болести е поголема

Во Регистарот за лица со ретки болести се вбројуваат 520 лица, но одредени болести не влегуваат во регистарот, па затоа, следејќи ги ситуациите и дијагнозите, од „Живот со предизвици“ сметаат дека тој број е над 2.000 пациенти.

„Во овој регистар не се ставени пациенти со хемофилија кои се исто ретка болест, или пациенти со многу ревматски автоимуни болести кои се исто пациенти со ретка болест, но се водат на Клиника за ревматологија  и добиваат лекови од Фонд за здравство со условни буџети. Исто, на хематологија има многу ретки хематолошки заболувања, кои примаат лекови преку Фондот за здравство и не се во регистарот на ретки болести, а се ретка болест“, објаснува Алексовска.

Доколку пациентите не успеат да добијат дијагноза во државава, вели дека често одат во Бугарија. Постојат и семејства кои се прошетале низ целиот свет за да добијат дијагноза, а на крај не успеале во тоа.

„Државата минатата година одобри рефундација за дијагностика за генетика во нашата земја, но, дополнително, потребно е да се одобрат и средства доколку е потребно одредување на дијагноза во странство, доколку се исцрпени сите работи во нашата земја. Затоа што во моментов ако не успееш да добиеш дијагноза кај нас, тогаш мора да одиш надвор на свој трошок“, вели Алексовска.

Она што претседателката на здружението „Живот со предизвици“ би го порачала до сите е тие никогаш да не губат надеж и секогаш да се обидуваат да направат најмногу што можат.

„Да зборуваат за болеста која ја имаат, да не ја кријат, затоа што не знаеш од каде ќе ти дојде поддршката, и важно е едноставно да се обидеме да ја промениме иднината, ако сегашноста не чини, не значи дека и иднината нема да чини“, завршува Алексовска.

Мартин Колоски

Концерт на Фолтин во МКЦ на 14ти февруари

$
0
0

Битолската група „Фолтин“ утре ќе одржи целовечерен концерт во Денсинг салата во МКЦ.

Настанот ќе започне во 22 часот, а пред концертот атмосферата ќе ја загреат Бојан Чакра и Андреј Мицајков со нивните музички селекции на плочи.

Картите по цена од 250 денари се достапни во билетарата на МКЦ, но и онлајн.

На самиот влез на настанот цената на влезниците ќе изнесува 350 ден.

Антикорупциска: Ректорите на УКИМ и УКЛО незаконски формираат синдикати

$
0
0

Ректорите на скопскиот и на битолскиот универзитет директно ги прекршиле начелата на законитост и интегритет со повикот за формирање синдикати на универзитетите, соопшти Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешата прес-конференција, пренесува Мета.

Прекршување на Законот за работни односи утврдил и Државниот инспекторат за труд, кој ќе спроведе своја постапка.

Независниот академски синдикат до ДКСК пријавил постоење судир на интереси и прекршување на одредби од Законот за работни односи, според кои работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор на основање и дејствување на синдикатите. Во меѓувреме, Државниот инспекторат за труд утврдил прекршување на член 195 од Законот за работни односи.

„ДКСК, имајќи ги предвид наодите , укажува дека со ваквото постапување на ректорите директно се прекршени начелата за законитост и интегритет, кои тие први треба да ги применуваат“, изјавила Билјана Ивановска, претседателката на Комисијата.

 

Промоција на стихозбирката „Јас сум Цако“ од Александар Матовски –Цако

$
0
0

Промоцијата на стихозбирката „Јас сум Цако“ ќе се одржи на 25 овој месец во Кино „Фросина“ со почеток во 19 часот.

Песните на Александар Матовски – Цако се нежни и едноставни. Ги ниже како бисери, за секоја драга личност по една. Запишани се онака како што ги доживува, како лирски слики. Од нив извира чиста емоција од некој кој животот го живее со полни гради. Токму таа, љубовта, е централна тема во поезијата на Цако. Кон дедо му, семејството, неговиот идол Тоше, жените, природата и животот воопшто. Тие се парчиња од мозаикот што ја сочинуваат синтагмата „Јас сум Цако“. Неговата поезија, како и сѐ она што го прави тој, се вистинска инспирација за лицата со попреченост.

Александар Матовски – Цако е роден на 3.2.1991 година. Иако роден со Даунов синдром, тој е вклучен во редовниот воспитно-образовен систем. Основното образование го завршил во училиштето „Димо Хаџи Димов“, а средното во текстилното училиште „Кочо Рацин“. Во 2019 година дипломираше на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на групата предучилишно образование. Тој е член и на здруженијата Инклузивни решенија КРИК и „Трисомија 21“. Автор е на радиоемисијата „Јас сум Цако“, која веќе пет години еднаш месечно се емитува на интернет-радиото „Радио Моф“.

Јас сум Цако

Тој е голем активист и борец за човекови права и правата на лицата со посебни потреби. Цако зел учество со сопствена презентација на Светската конференција за лица со Даунов синдром во Обединетите нации. Поезија почнал да пишува на осумнаесетгодишна возраст.

Книгата со поезија е во издание на „Арс Либрис“, а е достапна во книжарниците „Литература.мк“, како и онлајн на нивната веб страна.

Групна изложба „На работ“ во галерија „Акантус“

$
0
0

Во галеријата „Акантус“ утре (14 февруари) од 20 часот ќе биде отворена изложбата „На работ“ од Доротеј Нешовски, Илија Прокопиев, Ива Станковска и Ана Трајковска.

„Во светот на уметноста потребни се нови интриги и нови прашања. Тие можат да го појаснат ставот на уметникот, a и да допринесат за разбирање на ракописот на уметноста. Ако интелектуалниот пристап на гледање и поимање, носи страв и непознаници притоа барајќи едукативна подготвеност, така емотивниот контакт и чувствата со уметничкото дело уште повеќе изискуваат енергија. Уметноста како визуелен медиум ве вовлекува во процесот на создавање низ рацете на уметниците. Чинот на создавање на материјалната слика, ‘реалноста’ на насликаното’ (Хегел), создадена од човечката рака е израз на уметничката слобода, сето тоа на работ од реалноста и духовната ‘конструкција’, на работ на опсесијата, на работ на страста, на работ на бунтот за опстанокот на уметноста, …за опстанокот“, пишува за изложбата кураторката Дијана Томиќ Радевска.

Според неа, авторите Нешовски, Прокопиев, Станковска и Трајковска, блиски по третманот, секој на свој начин во традиционална техника, цртеж, сликарство, графички отпечаток, објект-скулптура, но на еден нетипичен начин излегуваат од рамката на ограничувања.

„Нивното искрено задоволство ќе се почувствува во предизвикот што го носи уметноста, на ‘лутањето’ низ сопствен јазик.  Тие се избор на галеријата Акантус за почеток на годината. Уште на почетокот загатнуваме прашања и проблематики во исцрпените емотивни забелешки, уметниковите грижи, однос човек-град, човек-природа, човек-човек“, пишува кураторката Томиќ Радевска.

„Placebo“ ќе го „запали“ фестивалот „Скопје гори“

$
0
0

„Ретки се бендовите кои успеале да станат големи, а истовремено да останат авангардни, бескомпромисни и суперквалитетни во тој процес. А, ‘Placebo’ се дефиниција за тоа!“.

Вака стои најавата на „Авалон“ кои на 25 јуни на стадионот АРМ во Скопје ќе го организираат возобновениот фестивал „Скопје гори“, каде ќе настапуваат рокерите „Placebo“.

Како во моментов звучи во живо еден од најмоќните светски рок бендови, публиката од Македонија и од регионот ќе може да види и да слушне на 25-ти јуни. Дека е задоволството големо што Скопје и Македонија ги имаат ‘Placebo’, не треба ни да се спомене, само треба да се види листата на големи фестивали каде ќе настапат ова лето: Rock Werchter во Белгија, BBK и Madcool во Шпанија, Park Live во Русија итн“,

Со повеќе од 12 милиони албуми продадени во светот досега, „Placebo“ е основан во 1994 година. Со нивниот специфичен звук кој претставува фузија на глам-рок и готик-поп жанровите, како и по уникатниот имиџ на пејачот Брајан Молко, велат организаторите, „Placebo“ добија статус на апсолутни миленици на алтернативната рок популација, а меѓу нивните бројни обожаватели се вбројуваше и легендарниот Дејвид Боуви.

„’Placebo’ досега имаат објавено вкупно девет албуми, од кои седум се студиски и два во живо. Не треба да се заборави дека покрај носачите на звук, Placebo имаа серија од исклучително успешни синглови и видео спотови со впечатлив стајлинг, со што дефинитивно се профилираа како современ арт-рок состав и тоа на најдобар можен начин“, стои во најавата за концертот. 


НАкС: Собранието одбива да расправа за ветеното покачување на платите

$
0
0

Денес, Независниот академски синдикат (НАкС) испрати барање за средба со г. Влатко Ѓорчев, претседател на Комисијата за труд и социјална политика, пред одржувањето на закажаната седница на Комисијата во 14 часот, со цел да ја образложиме уште еднаш важноста од усвојувањето на Законот за дополнување на Законот за исплата на платите во РСМ по скратена постапка. Одговор на нашето барање не добивме, а во меѓувреме седницата на Комисијата повторно е одложена, реагираа од НАкС.

Од таму апелираат уште еднаш за итно закажување на расправа во матичната комисија, со што ќе се откочи процедурата за усвојувањето на Законот кој предвидува покачување на платите во високото образование од 10%.

„Доколку тоа не го стори претседателот на Комисијата, г. Влатко Ѓорчев, бараме од претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, согласно неговите надлежности, да ја закаже седницата на Комисијата за труд и социјална политика. Потсетуваме уште еднаш дека доколку Собранието не го изгласа Законот пред да се распушти, ќе стане јасно дека ветеното покачување на платите во високото образование претставува само предмет на предизборни партиски надмудрувања, кои се прекршуваат врз грбот на вработените во високото образование“, стои во реакцијата на НАкС.

„Јавно силеџиско претпријатие“ –протест пред седиштето на ЈСП

$
0
0

Со паролите „Бараме правда“, „Јавно силеџиско претпријатие“, „Еднаквост“, „Денес Сирхан, утре ти“, но и блокада на булеварот во Автокоманда, десетици граѓани денеска излегоа на протест пред седиштето на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје поради, како што велат, насилството од страна на контролорите.

Со протестот тие побараа поголема внатрешна контрола, вработување Роми – контролори, но и отказ за  двајцата контролори, за кои студентот Сирхан Усеин обвини дека насилно го исфрлиле од автобус пред неколку дена.

Усеин пред насобраните граѓани ја опиша ситуацијата која се случила на 9 февруари.

„Од овој настан претрпев огромен стрес и се здобив со лесна телесна повреда за која имам и медицинска документација. Со овој протест сакам да искажам мое незадоволство од пристапот на вработените контролори на ЈСП кон мене.

Верувам дека на многу други граѓани им се имаат случено вакви или слични ситуации. Тука сум да зборувам во име на сите граѓани кои беа малтретирани од контролорите на ЈСП“, изјави Усеин.

На протестот се обрати и младиот Теодор Петковски, кој сподели своја непријатна приказна поврзана со контролорите на ЈСП.

„Ова што се случува е срамота и преседан, бидејќи ЈСП е станато претпријатие само за грабање пари од тие што најмалце ги имаат. Да платиш билет во ЈСП треба да ти биде алал, а не арам. Некои не можат да си го дозволат превозот кој што тие го нудат.  Контролорите пријавија дека јас сум ги тепал нив, за да дојдат две коли Алфи и да ме држат мене пет саати во Автокоманда. Дојдоја со две коли, со нерегистрирани таблици, црни, мислиш мафијаш апсат“, изјави Петковски пред присутните.

Демонстрантите најавија протест за неколку недели доколку не ги исполнат нивните барања. Следниот протест, велат, ќе биде пред Град Скопје.

Маргини и ХОПС: Судот во Стразбур пресуди против Македонија поради земање ДНК-примерок без судска постапка

$
0
0

Европскиот суд за човекови права вчера донесе пресуда со која се утврди дека начинот на кој полицијата собира, обработува и чува ДНК-материјал не е во согласност со членот 8 (правото на приватен и семеен живот) од Европската конвенција за човекови слободи и права, информираат од Коалицијата Маргини и ХОПС.

Пресудата се однесува на случај од 2013 година кога двајца жалители застапувани од правниот тим на Коалиција Маргини и ХОПС поднесоа жалба до Стразбур со наводи дека во октомври 2009 и февруари 2010 година, полицијата им земала примерок од ДНК без судска наредба и без нивна согласност под сомнение дека извршиле кривично дело.

Во постапката против едниот од жалителите, велат организациите, примерокот од ДНК не бил искористен како доказ, а не постои гаранција на кој начин и колку време овој податок ќе се чува и за што ќе се искористи во иднина.

„Аргументот на полицијата дека ДНК примерокот е земен со цел да се утврди идентитетот на жалителите е неоправдан и непотребен во услови кога постојат други законски пропишани начини да се утврди идентитетот на осомничените“, соопштуваат организациите.

Маргини и ХОПС нагласуваат дека Судот во својата судска практика веќе има утврдено дека самото чување на ДНК податок е мешање во приватниот живот.

Исто така, нагласуваат дека оваа пресуда е исклучително важна за почитувањето на човековите права на граѓаните од полицијата.

„Според искуствата на Коалиција Маргини и ХОПС, во периодот кога се извршени повредите, полицијата имаше пракса на арбитрарно земање на ДНК примероци од луѓе што употребуваат дроги, прекршувајќи го нивното право на приватност“, велат тие.

Постапка пред домашните институции и пред ЕСЧП е водена од Коалицијата Маргини и ХОПС, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

„Апелираме, пресудата на ЕСЧП да се почитува и да се споведе во најкус можен рок, пред сé преку донесување на јасна законска рамка за начинот на земање, обработка и чување на ДНК примероци и прекинување на практиката на произолно земање на ДНК примероци и унапредување на третманот кон луѓето кои употребуваат дроги од страна на полицијата“, се вели во соопштението на организациите.

Нов мурал на Бенкси за Денот на вљубените

$
0
0

Енигматичниот уличен уметник Бенкси потврди дека е одговорен за новиот мурал за Денот на вљубените, кој се појави во Бристол.

Новиот графит се наоѓа на фасада на објект во Бартон Хил, чии станари го забележале на страната на куќата околу 6:20 часот.

Повеќе локалци потоа твитнаа фотографија од делото на Бенкси, а еден од нив тврдеше дека муралот не бил таму во 22 часот претходната ноќ.

Еден очевидец напиша на Твитер: „Јас и мојата девојка се движевме накај теретаната околу 6:20 часот и видовме луѓе на скелиња. Мислевме дека е чудно, па потоа пак утрото поминавме покрај него“.

„Bristol Somali Community Association“ го нарече муралот „извонреден“, додавајќи дека:  „Се надеваме дека е дело на Бенкси“.

Бенкси ова дело го објави и на официјаниот Инстаграм профил:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Banksy (@banksy) on

Гардијан објави и видео од графитот и локацијата:

Инаку, муралот прикажува дете со чатал, но овојпат веројатно, на некој начин, го претставува Купидон, што многумина забележуваат сличност со претходните дела на британскиот уличен уметник.

Реновирани последните блокови во студентскиот дом „Гоце Делчев“

$
0
0

Мебелот стигна, градежните работи завршија, па денеска, конечно беа пуштени во употреба последните два блока, В и Г, од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Со ова, се финализираше процесот на реновирање на целиот студентски дом.

„Со ова завршува комплетното реновирање на „Гоце Делчев“ кој има капацитет за сместување на 30% на Студентскиот центар. Треба да се заврши до крај проектот за партерно уредување на овој дом. Блоковите се реновирани по современи стандарди  и овозможуваат идеални услови за живеење на студентите“, изјави премиерот Оливер Спасовски, кој присуствуваше на денешното отворање на реновираните блокови.

Покрај реновираните соби, пренаменети се помошните заеднички простории  во простории за рекреативни активности. Директорот на Државниот студентски центар Дарио Николовски,  изјави дека со преземање на функцијата, студентскиот дом „Гоце Делчев“ имал долг од 300 милиони денари и кои сега се преполовени.

„По само две години, долгот е преполовен и изнесува 147 милиони денари. Со намалување на проблемите кои постоеја поради старите инсталации и финансиките импликации, сега студентите нема да се соочуваат со недостаток на топла вода и парно греење“, изјави Николовски.

Министерот Арбер Адеми истакна дека е направена измена на Законот за студентски стандард за дополнителна финансиска поддршка, со што ќе се обезбеди функционалност на студентските и ученичките домови.  На прашањето на Радио МОФ, до каде е изградбата на студентски град и на нова студентска зграда во Автокоманда, кои како ветувања стојат во владината програма, министерот Адеми не даде конкретен одговор.

„Продолжуваме со реновирање и модернизација на инфраструктурата во другите студентски домови, а минатата година е потпишан договор за 25 милиони евра за реновирање на седум студентси домови. Проектот почнува оваа година, а ќе се финализира 2024. Во Битола, Охрид, Штип, Прилеп и во Скопје ќе бидат опфатени седум студентски домови и со тоа ќе се заокружи процесот на реновирање“, одговори Адеми.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ нуди сместување на 1200 студенти. Пред 4 години, во употреба беа пуштени и блоковите А и Б во овој студентски дом.

 

View this post on Instagram

 

Мебелот стигна, градежните работи завршија, па денеска, конечно беа пуштени во употреба последните два блока, В и Г, од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Со ова, се финализираше процесот на реновирање на целиот студентски дом. „Со ова завршува комплетното реновирање на „Гоце Делчев“ кој има капацитет за сместување на 30% на Студентскиот центар. Треба да се заврши до крај проектот за партерно уредување на овој дом. Блоковите се реновирани по современи стандарди и овозможуваат идеални услови за живеење на студентите“, изјави премиерот Оливер Спасовски, кој присуствуваше на денешното отворање на реновираните блокови. Покрај реновираните соби, пренаменети се помошните заеднички простории во простории за рекреативни активности. Директорот на Државниот студентски центар Дарио Николовски, изјави дека со преземање на функцијата, студентскиот дом „Гоце Делчев“ имал долг од 300 милиони денари и кои сега се преполовени. „По само две години, долгот е преполовен и изнесува 147 милиони денари. Со намалување на проблемите кои постоеја поради старите инсталации и финансиките импликации, сега студентите нема да се соочуваат со недостаток на топла вода и парно греење“, изјави Николовски. Министерот Арбер Адеми истакна дека е направена измена на Законот за студентски стандард за дополнителна финансиска поддршка, со што ќе се обезбеди функционалност на студентските и ученичките домови. На прашањето на Радио МОФ, до каде е изградбата на студентски град и на нова студентска зграда во Автокоманда, кои како ветувања стојат во владината програма, министерот Адеми не даде конкретен одговор. „Продолжуваме со реновирање и модернизација на инфраструктурата во другите студентски домови, а минатата година е потпишан договор за 25 милиони евра за реновирање на седум студентси домови. Проектот почнува оваа година, а ќе се финализира 2024. Во Битола, Охрид, Штип, Прилеп и во Скопје ќе бидат опфатени седум студентски домови и со тоа ќе се заокружи процесот на реновирање“, одговори Адеми. Студентскиот дом „Гоце Делчев“ нуди сместување на 1200 студенти. Пред 4 години, во употреба беа пуштени и блоковите А и Б во овој студентски дом. #radiomof #вестимк #студенти #студентскидомови

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

Ивана Смилевска

 

Viewing all 37908 articles
Browse latest View live


<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>